Лидерот на ЛДП, Горан Милевски, се најде на новата листа на минситри кои беа предложени од страна на премиерот Зоран Заев.
– Одговорноста е голема, но ја прифаќам и како лидер на ЛДП и како политичар. Ќе работиме чесно, со намалување на непотребните трошоци и привилегии, заедно со сите кои имаат идеи, предлози и желба да помогнат во намерата да ги подобриме условите на сите граѓани – изјави Милевски.
Милевски вели дека синоќа Централниот одбор на ЛДП, донел одлука да се прифати предлогот на мандатарот Заев, ЛДП да го предводи ресорот локална самоуправа.
– ЛДП донесе одлука за министер во овој ресор да ме предложи мене, како претседател на ЛДП и со тоа да даде тежина на ова значајно за нас министерство. Истовремено, Централниот одбор му се заблагодари на досегашниот министер од редовите на ЛДП во Владата, Зоран Шапуриќ, за неговиот досегашен успешен ангажман како министер за подобрување на инвестициската клима. Локалната самоуправа од запоставен министерски ресор, ЛДП има намера да го направи еден од најважните ресори во државата – додаде тој.
Во соопштението до јавноста се вели дека целта ќе бидат „Силни општини, за силна Македонија“, каква што беше заложбата на ЛДП уште пред точно 10 години, кога настапија самостојно на локалните избори во 2009 година.