Министерството за здравство во соработка со Министерството за труд и социјална политика разработува модел што треба да обезбеди здравствена заштита за граѓаните во руралните средини и во помалите општини во државата.
Според министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Кочани, овој модел како пилот проект ќе започне да се имплементира токму во кочанскиот регион.
– Станува збор за мобилни патронажни сервиси на домашна посета, што како модел постои во развиените европски земји и веќе е докажан дека го подобрува пристапот до здравствената заштита во руралните средини. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните да добијат услуга во местото на живеење, односно да не патуваат во Кочани и другите поголеми центри. Освен тоа, планираме да воведеме и модел на мобилна аптека, затоа што во многу мали места граѓаните немаат можност да ги набават потребните лекарства, рече Филипче.
Заедно со тимови од Министерството за труд и социјална политика ќе се формираат тимови од медицински и социјални работници чија задача ќе биде подобрување на патронажната служба и домашните посети.
На средбата во општината се разговарало и за набавка на потребната опрема и воведување нови методи што ќе почнат да се работат во Општата болница во Кочани, за да им бидат достапни на жителите од регионот што таа го покрива.
Кочани беше првиот град во Македонија во кој Општата болница и Здравствениот дом се споија во една институција со што, според министерот Филипче, се очекува поефикасно работење и значително намалување на трошоците за работа.