Во првите три месеци од годинава на Клиниката за гинекологија биле родени вкупно 1.155 бебиња. Од нив 144 биле предвреме родени и третирани на одделот за интензивна нега, но 35 починале, соопшти денеска Министерството за здравство и најави нови мерки по завршување на анализите кои се во тек за подобрување на исходот од бременоста и здравјето на децата.
Министерството наведува дека починатите бебиња во периодот од јануари до крајот на март 2018 година спаѓаат во категоријата предвремено родени бебиња, а во продолжение презентира и детален табеларен приказ со старост и со здравствената состојба на бебињата при раѓањето. Според табелата, 34 од бебињата биле родени од 22 до 36 гестациска недела со мал процент за можност за преживување, а 27 од нив биле со неразвиени органи и ниска родилна тежина, дел биле со инфекции добиени од мајката, а едно со медицински непоправлива маана.
– Истакнуваме дека само едно од починатите бебиња е родено во соодветниот термин, но со медицинска аномалија на органите, која е во рамките на неможност да се исправи. Според статистиката, околу 80 отсто од бебињата починале поради екстремно неразвиени органи и поради исклучително ниска родилна тежина. Исто така информираме дека трендот на смртност на предвреме родени бебиња бележи пад во 2016 во првите три месеци од годината починале 38 предвреме родени бебиња, додека лани 41 бебе – се наведува во соопштението.
Воедно, се истакнува дека ЈЗУ Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство е најголемо родилиште во земјава и на Клиниката се примаат најкомплицираните, најтешки случаи, а се изведуваат и сите предвремени породувања.
Министерството за здравство укажува дека, за жал состојбите, кои ги затекнале во најголем дел од родилиштата, не можат да се поправат само за неколку месеци. Ќе треба долго време да се надомести недостигот на стручен кадар, бидејќи повеќе од 10 години не се планирало и не се создавал кадар, во согласност со потребите на здравствените установи.
– Имајќи го сето ова во предвид, Министерството за здравство пред два месеца објави сет мерки, со кои веруваме дека ќе ја сведеме на минимум смртноста на новороденчињата и на мајките. Дел од нив се краткорочни и веќе се реализираат – наведуваат од Министерството.
Од 15 до 31 март, согласно Акцискиот план на Владата на Република Македонија за намалување на смртноста на мајките, новороденчињата и доенчињата, Министерството за здравство, во соработка со Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите Нации (УНФПА) во Скопје, изврши проценка на условите во родилиштата и го дефинираше нивото на здравствени услуги во нив. Беа посетени Клиника за гинекологија и акушерство–Скопје, Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“–Чаир, сите општи болници, клиничкиболници во Тетово, Битола и во Штип, потоа приватните болници Систина, Ремедика, Санте плус, Плодност, како и здравствените домови во Валандово, Виница, Делчево, Кратово, Крушево, Неготино, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Ростуше, Свети Николе, Струмица и во Струга.
Исто така, во соработка со УНФПА, од 27 до 31 март беше спроведена обука за ефективна нега на новороденчињата. Беа обучени вкупно 24 здравствени работници, односно осум тима составени од гинеколог, неонатолог и акушер. Практичниот дел од обуката беше спроведен од 2. до 6. овој месец.
– Преку заедничка соработка, Министерството за здравство, Светската здравствена организација, УНИЦЕФ и УНФПА, во периодот од 19 до 24 март, 2018 година извршија проценка на трендовите на неонатална смртност и подобрување на исходот од бременоста и здравјето на децата во Република Македонија. Оваа анализа, како и извештаите од проценката на состојбите во родилиштата очекуваме многу скоро да бидат готови. Врз основа на нив, ќе бидат спроведени дополнителни соодветни и итни мерки за намалување на смртноста на мајките и на новороденчињата – се посочува во соопштението на Министерството за здравство.