Министерството за здравство денеска преку соопштение информира дека има доволно количини од сите типови вакцини, вклучувајќи ја и шествалентната Hexaxim.
Во соопштението испратено по пишувањата во одредени медиуми дека има наводен недостаток на вакцини се посочува дека во моментот Министерството за здравство располага со вкупно 16.600 дози од вакцината Hexaxim, кои им се на располагање на сите здравствени домови и поликлиники, вклучувајќи ја и поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
– Динамиката на дистрибуцијата во здравствените установи се одвива на квартално ниво, согласно претходно испратено барање од страна на установите. Исто така постои можност секој квартал да се надополни со вонредно барање од страна на здравствените установи – се наведува во соопштението од Министерството за здравство.