Министерството за здравство преку соопштение ја известува јавноста дека во Службен весник бр. 85 од 30 април 2019 година, се објавени измените и дополнувањата донесени од Министерството за труд и социјална политика на правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој.
Во измените се прецизира дека при упис на дете во градинка, задолжително се приложува потврда за неговиот вакцинален статус, и без оваа потврда детето не може да биде запишано во предучилишна установа.
-Напоменуваме дека во потврдата треба да стои дека детето ги примило сите вакцини кои се предвидени според вакциналниот календар- наведуваат во соопштението од Министерството за здравство.
За децата кои се запишуваат во прво одделение во основните училишта, во мај, за следната учебна година, при запишувањето, родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа. Станува збор за обврска пропишана со член 46 став (2) од Законот за основното образование.
-Здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило задолжителните вакцини. Потврдите кои се приложуваат при упис на дете во основно училиште се издаваат во здравствените домови каде што има вакцинални пунктови и истите се бесплатни- информираат од ресорното министерство.