Албанскиот претседател Илир Мета, на денешната средба во Тирана со Командантот на воздухопловните сили на НАТО, генерал Тод Волтерс оценил дека зачленувањето на Македонија во Алијансата е гаранција повеќе за безбедноста во регонот.
– По пристапот на Црна Гора, долгоочекуваното членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителна гаранција за безбедноста и стабилноста во регионот – оценил Мета.
Тој нагласил дека на десетгодишнината од членството на Албанија во НАТО и 20 години по воената интервенција на Алијансата, со која се „ставил крај на геноцидот во Косово и во регионот“, Албанија и Албанците никогаш нема да заборават и секогаш ќе останат благодарни на САД и НАТО.
Мета изразил посебно задоволство од изборот на Кучово, како локација за модерната воздухопловна база на НАТО, што е знак на доверба и благодарност што Алијансата ја има за Албанија и нејзиниот придонес во безбедноста на регионот.
– Воздухопловната база на НАТО во Кучово е стратешка инвестиција, како за нашата национална безбедност, така и за регионалната – смета претседателот Мета.
Според него, Албанија е заинтересирана за понатамошно зајакнување на НАТО, како од политички, така и од воен аспект и гарантирал дека е подготвена да ги исполни не само сите обврски, туку и да преземе нови одговорности.
На денешната заедничка прес-конференција на генерал Вотерс и министерката за одбрана Отла Џачка беше најавено дека во рок од неколку месеци ќе биде подготвен мастер-планот од Агенцијата на НАТО за набавки и поддршка – НСПА, што го отвора патот за започнување на работите на терен.
– Воздухопловната база на НАТО во Кучово е извонредна вест не само за нас, туку и за целиот регион, за безбедноста на целиот регион – рече Џачка.
За првата фаза од работата, НАТО ќе одвои 50 милиони евра, со цел да го претвори Кучово во база за опрема, логистика, обуки и вежби.