Во текот на денешниот ден медицински тимови од составот на воено медицинскиот центар и од армијата на САД, кои се вклучени како медицинска поддршка на вежбата „Одлучен удар“, го искористија времето за премин во втората фаза на вежбата за обиколка на радовишките планински села Супурге и Прналија.
Притоа, на повозрасните жители на овие села им беше овозможено да извршат проверка на крвниот притисок, како и други основни медицински прегледи. Исто така, по претходно спроведена акција на донација од учесниците, на вежбата се подели и хуманитарна помош во облека и обувки.
Оваа активност е дел од цивилно воената соработка за време на вежбата, каде во осум градови на Република Македонија, припадниците на двете најголеми армии кои учествуваат во „Одлучен удар“, заинтересираните граѓани ги запознаваат со карактеристиките на дел од моторните возила, оружјето и опремата која се употребува на вежбата, но и воедно имаат спортски натпревари со екипи од локалните самоуправи.
До завршеток на вежбата, покрај веќе реализираните отворени денови за граѓаните на Гевгелија, Свети Николе и Кавадарци, вакви поставки ќе се реализираат во Радовиш и Струмица на 26-ти јуни, Битола на 29-ти, Гостивар на први јули и Скопје на петти јули.
Вежбата „Одлучен удар“ која е досега најголема вежба организирана од нашата армија и на која учествуваат 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора, ќе трае до осми јули.