Медиумите уште денеска и утре може да објавуваат резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес. Според Роковникот на Државната изборна комисија, резултатите од анкетите може да се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на претседателските избори и вонредните локални во три општини, односно рокот истекува утре на полноќ.
Вчера истече рокот во кој избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место – немоќно или болно лице, а сака да гласа, можеше за тоа да ја извести Општинската изборна комсија, со цел да може да го оствари своето право на 20 април. Ден пред одржувањето на изборите гласаат и избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, но тие да се пријават до ОИК имаар рок до 17 април на полноќ.
Според Роковникот на ДИК учесниците во изборната кампања, на 11-тиот ден од кампањата требаше да поднесат финансиски извештај со спецификација на трошоците на жиро-сметката за изборна кампања од денот на нејзиното отворање до крајот на десеттиот ден од изборната кампања.
Државната изборна комисија информираше дека организаторите на изборните кампањи за претседателските и за предвремените локални избори во три општини навреме ги доставиле финансиските извештаи до Комисијата. Извештаите се јавни односно објавени на веб страницата на ДИК, а во нив има детали за првиот дел од кампањата.
Ова е првиот извештај што учесниците во изборната кампања треба да го поднесат до ДИК, ДЗР и ДКСК. За вториот круг од изборите извештаи треба да поднесат најдоцна до 24 часот на 4 мај, а најдоцна до 20 април доколку не учествуваат во вториот круг од изборите.
Од ДИК соопштија и дека се пристигнати и извештаите од податоците на радиодифузерите за емитуваното платено политичко рекламирање во првата недела од кампањата за избор на претседател и за градоначалници на Ново Село, Охрид и Дебар. Во ДИК изготвуваат налог кој потоа се доставува до Министерството за финансии од каде треба да се изврши исплата на радиодифузерите.
Според Изборниот законик, пред исплата на трошоците за емитуваното ППР од страна на ДИК, Агенцијата е должна да достави извештај за вкупното времетраење на ова рекламирање што било емитувано кај секој радиодифузер, првпат на 10-от ден од изборната кампања, а вторпат на 7-от ден по завршување на кампањата. Оттаму, во согласност со Упатството што Советот на Агенцијата го усвои на 29 март 2019 година, радиодифузерите имаат обврска да достават податоци во Агенцијата за емитуваното платено политичко рекламирање.
Според роковникот на ДИК, вториот извештај АВМУ треба да го достави до Комисијата на 26 април, за првиот круг на изборите, и на 10 мај за евентуалниот втор круг.