Неодамнешниот јавен настап на поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Сулејман Реџепи, предизвика лавинa реакции со оцена дека тој користел говор на омраза и ширел верска и национална нетрпеливост
Министерството за внатрешни работи го анализира говорот на поглаварот на Исламската верска заедница во земјава, Сулејман Реџепи, за кој во јавноста се случија лавинa реакции со оцена дека претставува говор на омраза и ширење верска и национална нетрпеливост. Од МВР вчера потврдија дека во текот на утрешниот ден до Јавното обвинителство ќе биде поднесен соодветен материјал, но засега немаат информација во која форма тоа ќе биде направено.
– МВР ги прави сите анализи за да се расчисти целиот случај – соопштија оттаму.
И во Јавното обвинителство, по допрен глас, ја анализираат изјавата на поглаварот Реџепи, но нема информации дали ќе поднесат соодветна пријава. Што се однесува до постапката во МВР, пак, таа се води по пријавата на Хелсиншкиот комитет, кој реагираше откога пред три дена на својот профил на Фејсбук Реџепи го постави видеото во кое за време на церемонијата за поставувањето на камен-темелникот на џамијата во скопското село Арнакија тој изрекува недолични зборови за народот со кој тие самите, мислејќи на муслиманите во земјава, градат соживот. Поглаварот во својата изјава вели дека ИВЗ нема да дозволи да биде попречувана градбата на џамии и нема да молчи за тоа.
– Џамиите да се попречуваат и да не се одобрува нивната изградба, оваа работа нема да ја дозволиме. Никогаш нема да молчиме. Се надеваме, со господ напред, дека ќе дојдат подобри времиња и секаде имаме народ и места, во селото Лажец, Битолско, каде што повеќе од 100 години немаат џамија. Замислете вие каков див народ е овој со кои сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика дека ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува – вели Реџепи.
На социјалните мрежи изјавата на реисот поттикна реакции од голем број припадници на албанската, турската и од другите етнички заедници во земјава. Тие ја осудија изјавата на поглаварот, посочувајќи на тоа дека во Македонија отсекогаш постоел добар соживот меѓу различните етнички и верски заедници.
Од ИВЗ изјавија дека поглаварот Реџепи мислел на времето пред 30 години, односно на 80-тите години од минатиот век кога во тоа село, од тогашните власти било наредено да се изгори џамијата, која сега ја обновуваат и доградуваат. Оттаму додаваат дека намерата на поглаварот не му била во насока да навреди одреден народ што живее во земјава.