Слаткото задоволство од шопингот понекогаш може да се претвори во вистински кошмар, кога во големите шопинг-центри и во метежите при купувањето, оние што се занесени со понудата од излозите, тезгите или рафтовите, особено во овој период во пресрет на матурските забави, ќе бидат цел на џепчии, измамници и други криминалци, кои вешто им ги извлекуваат парите. Во метрополите од соседството, оваа појава зема сѐ позагрижувачки размери
Во пресрет на матурските прослави, започнува потрагата по свечени костуми и фустани. Продавниците и бутиците во овој период на годината се преполни со купувачи, сите во потрага по дизајнерско совршенство со кое ќе блеснат на свечениот чин за заокружување на средното образование.
Но има и такви на кои не им е доволна домашната понуда и сакајќи да промовираат некаков личен престиж, најчесто модните решенија за матурската вечер ги бараат во градовите од соседството, како Белград, Софија и Солун.
– Завршувањето на средното училиште го доживувам како некакво заокружување на еден дел од животот, токму затоа на матурската вечер сакам да се претставам во едно ново светло, како еден нов човек што започнува да се соочува со вистинските предизвици во животот. Едно дете што пораснало – вели Лука Јовановски, матурант.
Тој додава дека облеката што сака да ја купи ја видел преку интернет во бутик во Солун, па во почетокот на мај сака да појде таму, да ја проба и да си ја купи.
Но слаткото задоволство понекогаш може да се претвори во вистински кошмар, кога купувачите ќе налетаат на џепчии, измамници и други криминалци, кои вешто им ги извлекуваат парите наменети за облека.
– Влегов во една позната продавница на улицата Кнез Михајлова во Белград, сакајќи да си купам неколку парчиња облека. Внатре минав само околу 10 минути, кога забележав дека ранецот ми е отворен и дека ми го снемало паричникот. Пријавив веднаш до вработените и до обезбедувањето на дуќанот, но тие само креваа со рамениците, упатувајќи ме да пријавам во полиција – вели Ива Д. од Скопје.
Таа додава дека побарала да бидат прегледани и видеоснимките, но вработените ѝ рекле дека за тоа мора да имаат налог од полиција. Ива ја пријавила кражбата во полиција, но и по шест месеци не добила информација дали ѝ е пронајден паричникот.
Од белградската полиција посочуваат дека цел на кражби се паричници, мобилни телефони и чанти, а како места каде што најчесто се случуваат кражбите се дуќаните за облека, јавниот превоз и улиците.
– Освен да апелираме за внимателност кај туристите и купувачите во дуќаните, друго не можеме да направиме. Некогаш пронаоѓаме некои од украдените предмети, но понекогаш криминалците се поуспешни – велат од српската полиција.
Слични работи се случуваат и во Солун, а првиот градски полицаец Хазаридис Ахилеас, не можејќи да се справи со криминалот во центарот на овој грчки град, на Фејсбук објави статус преку кој ги предупреди туристите што ќе доаѓаат во шопинг да внимаваат на парите, пасошите, телефоните, преносните компјутери, чантите…
Првиот градски полицаец на Солун, Хазаридис Ахилеас, не можејќи да се справи со криминалот во центарот на овој грчки град, на Фејсбук објави статус преку кој ги предупреди туристите што ќе доаѓаат во шопинг да внимаваат на парите, пасошите, телефоните, преносните компјутери, чантите… Слични предупредувања за кражби доаѓаат и од другите соседни градови
– За жал, принуден сум да го поставам овој текст бидејќи ситуацијата во центарот на Солун стана алармантна. Обрнете големо внимание во некои делови на градот, како ги држите чантите и мобилните телефони и со кого разговарате – пишува во објавата на Хазаридис Ахилеас.
Тој како критични места ги посочува плоштадот „Аристотел“, „Ротондата“, околу „Беаскуле“, Кралскиот театар, паркот „Ксарксакос“, плоштадот зад „Ротондата“, булеварот Никис, улицата Димитриу Гоунари и плоштадот „Навариноу“, како и околината на Универзитетот.
Ахилеас уште апелира да се внимава во автобусите, да се чуваат чантите затворени и поставени пред себе, а особено да се внимава во големите трговски центри каде што има многу луѓе.
Понатаму се советува во продавниците чантите никогаш да не се оставаат во гардеробите за пробување облека, а во кафулињата да не се оставаат обесени за столчињата. Се препорачува да не се разговара со луѓе што ви приоѓаат на улица и бараат некакви информации.
– Ве информирам дека тоа е минимумот што можам да го направам како полицаец, бидејќи гледам огромен проблем што постои во центарот на градот. Сакам да ве уверам дека со своите колеги правиме сè да го „исчистиме“ центарот на Солун, но на некои работи што овде не сакам да ги споменувам, не можеме да влијаеме – додава Ахилеас.
Сепак, и покрај полициските апели, останува матурантите да отворат четири очи за да не се случи свечениот момент што долго го очекувале, да се претвори во една непријатна животна епизода.