Учениците кои годинава завршија четиригодишно образование денеска го полагаат првиот предмет – странски јазик кој е дел од државната матура. На 8 јуни се полага мајчин јазик, предмет кој е задолжителен.
Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“ за „Нова Македонија“ информира дека годинава матура ќе полагаат вкупно 375 матуранти.

– Учениците се подготвуваа за овие тестирања веднаш по 17 мај, откако заврши наставата. Секој ден имаа дополнителна настава. Денеска тестирањето започна на време, сѐ е во ред, немаше проблеми – вели Кржовска.
И во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ започна на време и се одвива без проблеми полагањето матура. Директорот Драган Арсовски вели дека ако пред неколку години се креваше поголема прашина околу полагањето матура, во последните години тоа е нешто што учениците го сфаќаат како редовна обврска.
– Кај нас нема никакво проблеми. Сѐ е вообичаено, започнато на време. Годинава матура ќе полагаат 258 ученици – изјави Арсовски.

Државна матура годинава ќе полагаат 15.553 ученици. Од пријавените, 7.692 се од гимназиско образование, 7.604 од средно стручно образование и 257 од средно уметничко образование. И годинава, најмногу матуранти имаа избрано да полагаат англиски јазик и тоа 14.413. Француски јазик полагаат 59 кандидати, германски јазик 201, а руски јазик 15 кандидати.
А. П.