Матурантите од денеска привремено го прекинуваат бојкотот на наставата, давајќи им на пратениците рок до крајот на месецов да ги усвојат нивните барања за намалување на бројот на предмети при полагањето на државната матура од четири на два, соопшти Сојузот на средношколци. Ваквото соопштение уследи откако матурантите минатата недела имаа средби со пратеници во Собранието, по кои очекуваат исполнување на барањата.
Претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, во изјава за МИА најави дека матурантите ќе почнат да кампуваат пред Министерството за наука и образование доколку не се прифатат и гласаат нивните барања до крајот на месецов.
– Се враќаме на настава за да им оставиме простор на пратениците да најдат решение. Чекаме Комисијата за образование, наука и спорт да го разгледа предлог-законот. По средбите што ги имавме во Собранието, Сојузот на средношколци е сигурен дека има поддршка од повеќе од 70 пратеници. Ако не се прифатат и гласаат нашите барања до крајот на месецов, ние ќе почнеме да кампираме пред МОН. Сојузот им остава можност и време на институциите да ги прифатат и спроведат нашите барања – изјави Ходаи за МИА.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе поднесе предлог-измени на законот за средно образование во кои се опфатени барањата на матурантите, додека од МОН во повеќе наврати истакнаа дека не можат да отстапуваат од постоечкиот концепт за државна матура, најавувајќи нов концепт од наредната година.