Министерот за правда, Бојан Маричиќ, говорејќи на Mеѓународната конференција за модели на регулација на дроги, во организација на Коалиција Маргини и ХОПС, кажа дека е добро што во земјава се отвори широка општествена дебата за декриминализацијата на марихуаната.
Според Маричиќ, квалитетното регулирање на ова прашање, може да донесе повеќе поволности за државата и тоа во однос на регулирање на трговијата со марихуана, намалување на криминалитетот и економски придобивки, пред сè во туризмот и угостителството.
– Свесен сум дека ова е комплексно прашање и токму затоа овој процес во суштина мора да биде инклузивен, односно во креирањето на модалитетот како ќе се спроведе декриминализацијата, треба покрај стручната јавност и експертите, да бидат вклучени и невладините, односно граѓанските здруженија кои можат и тоа како да придонесат за квалитетот на решението. Дебатата сега е отворена и трае – истакна Маричиќ.
Министерот посочи дека ќе се инсистира еднаш донесените закони со кои ќе се регулира ова прашање, доследно и без исклучок да се спроведуваат во пракса, бидејќи во спротивно, како што рече, ќе се доведеме во опасност секој на свој начин да ја толкува декриминализацијата, а со тоа место ред би настанал хаос во овaа сфера.