Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање во Собранието на средбата на државниот врв со градоначалниците рече дека потребно е политичарите и целото општество да се обедини и да го поддржи пописо, бидејќи оваа статистичка операција е од суштинско значење за државата.
– Мојот повик денес овде пред сите вас сакам да биде обединувачки. Потребно е политичките партии, вклучително и опозицијата, да го поддржат и стимулираат попишувањето бидејќи само сплотени во идејата за модерна и напредна држава можеме да успееме. Држава во која во креирањето на развојните политики ќе се користиме со ажурирани и издржани податоци, како што и ни прилега за една земја членка на НАТО и претендент за ЕУ-членство – рече министерот.
Според Маричиќ, објавувањето на методологијата по која ќе спроведе попишувањето ќе ги разоткрие сите вештачки создадени митови за тоа дека воопшто може наводно да се фингираат резултатите од работата на македонските статистичари.
– Се надевам дека оние што сега работат активно на минирање на овој процес, ќе најдат причина, ставајќи ги доброто на државата и граѓаните на прво место, на свој начин да придонесат за успешноста на овој процес. Во текот на следните денови сите вештачки изградени митови во однос на искреноста на Владата за организирањето на процесот ќе паднат, но потребата од статистички документи, што е од суштинско значење за нашата држава, ќе остане – изјави Маричиќ.