Министерот за правда, Бојан Маричиќ, вели дека во овој момент не е возможно да има онлајн судења, и покрај пандемијата со ковид-19.
– Ние сме свесни дека законската рамка во моментов не дозволува класични онлајн судења какви што можеби има во другите држави. Вистината е дека ова е прашање кое што е сложено и бара дискусија од сите фактори и актери, само еден министер или само Владата не може да го реши овој проблем – рече Маричиќ.
Тој вели дека најдобро е таа дискусија да продолжи и да се бара заеднички решение кое што ќе функционира во пракса.
– Не е добро да има преголем застој, ние со тие застои во минатото се боревме и не треба да дозволиме да се повтори. Не треба ниту едно решение да се отфрла, и за секое решение треба да бараме практична примена. Владата е подготвена да разговара – рече Маричиќ.
Според него, државата ќе може да помогне со средства за опремување на судовите за можните онлајн судења.
– Во моментот кога Собранието би усвоило таков законски предлог, ние како Влада ќе направиме се за обезбедување на информатичка опрема за судовите. Спремни сме да помогнеме и повеќе од тоа што е сега доколку се определиме за онлајн судење како концепт. Дел од европските фондови се насочени кон зајакнување на капацитетите на судовите – рече Маричиќ.