Формирање на нова регионална академија за кибер безбедност со седиште во Скопје, предложи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за време на сесијата посветена на официјалниот старт на Дигиталната агенда за Западен Балкан на Дигиталното собрание 2018, што денеска и утре се одржува во Софија.
– Ова е нешто што го разговаравме и може да ги зголеми капацитеите на експертите од сите институции, економии и влади со цел да работат многу подобро во областа на кибер безбедноста, изјави Манчевски.
Посочи дека тоа може да одговори на проблемот со одливот на експерти кон приватниот сектор, преку постојани тренинг програми и задржување на високо образовани експерти во администрацијата.
Манчевски по сесијата оствари средба со еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, која изразила целосна поддршка на идејата за формирање на регионална академија за кибер безбедност.
На средбата било разговарано и за проекти во рамки на Дигиталната агенда за Западен Балкан и за процесот за формирање на Дигитална коалиција.
Манчевски во своето излагање на Дигиталното собрание 2018, посочи дека дигитализација, особено со 5Г технологијата, ќе го промени начинот на кој живееме, можеби и повеќе од струјата и затоа треба да се подготвиме и да го покриеме секој граѓанин со широкопојасен брз интернет.
Нагласи дека Македонија наскоро ќе ја усвои новата стратегија за широкопојасен интернет, додека стратегијата за кибер безбедност ќе биде донесена пред самитот во Лондон, а не подоцна од октомври ќе биде донесена и новата долгорочна ИКТ стратегија.
– Мапираме бели зони, каде сме подготвени да инвестираме фибер оптичка инфраструктура. Тоа ќе го правиме од нашиот буџет, но очекуваме и поддршка од ЕК. Технологијата на 5Г може да биде инструмент за трансформација. Создадовме работна група што ќе работи на развојот на 5Г мрежата во Македонија , што ги вклучува сите хоризонтални и вертикални сектори, изјави Манчевски.
Во однос на кибер безбедноста, Манчевски посочи дека веќе е изработен модел за проценка на состојбата и системот во однос на кибер безбедноста и дека е формирана работна група за изработка на стратегија и акциски план за кибер безбедност.
– Новата стратегија за кибер безбедност ќе ги вклучи сите НАТО и ЕУ директиви за кибер безбедност. Стратегијата веќе помина на јавна дебата и работиме на нов акциски план. Истовремено работиме на претставување на електронски регистар на граѓани, што е целосно во согласност со новиот ГДПР на ЕУ, со цел да бидеме целосно подготвени за тоа, изјави Манчевски.