Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, присуствуваше на предавање за сајбер-безбедност во ООУ „Петар Поп Арсов“ во општина Карпош.
Во рамките на активностите на Mинистерството за информатичко општество и администрација за јакнење на капацитети и подигнување на свеста во областа на сајбер-безбедноста, денеска беше организирано предавање за сајбер-безбедност, на кое присуствуваа министерот Дамјан Манчевски и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.
– Кога зборуваме за сајбер-безбедност луѓето мислат на безбедноста на компјутерските системи, но тоа не е така, сајбер-безбедноста е многу повеќе и во денешното дигитално време посебно децата кои цело време се на интернет, се изложени на сајбер-булинг, одредени напади кои доаѓаат од сајбер-просторот – истакна министерот Манчевски.
Во светски рамки податоците се дека 43% од децата биле изложени на сајбер-булинг и веројатно тоа се случува и со децата кај нас.
-МИОА започна пилот-проект за превенција преку едукација и, како што кажа и градоначалникот, заедно со учениците, наставниците и родителите, сакаме да ја кренеме свеста кај сите за сето она што може да се случи преку сајбер-булинг. Насилството во сајбер-просторот, за жал, многу често може да се пренесе и во реалниот простор и децата да бидат физички загрозени – истакна министерот Манчевски, додавајќи дека дека денешното предавање е во насока да се дознае на кој начин може дополнително да се заштитат децата.
Предавачи на денешниот настан беа началникот на отсек за истраги на интернет и електронско плаќање во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, како и Матеј Плавевски, кој е дел од победничкиот тим на тинејџери од Северна Македонија кои добија глобално признание за иновативно решение за спречување на насилството.
Предавањето е трет ваков настан во рамки на пилот-проектот и се планира активноста да се прошири и во останатите училишта. Следната недела ќе стартуваат активности и за Европската недела на кодирање и ќе се зборува на овие теми и во основните и во средните училишта.