Министрите за информатичко општество и администрација и за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски и Мила Царовска, на министерска конференција во Маракеш, Мароко, зборуваа за обезбедувањето јавни услуги достапни за сите граѓани.
Во обраќањата на конференцијата, која е дел форумот за јавна администрација „Трансформирање на власта за остварување на целите за одржлив развој” во организација на Обединетите нации, македонските министри ги посочија заложбите за доближување на услугите што јавната администрација ги нуди до граѓаните.
Како што соопшти владината прес-служба, министерот Манчевски се осврнал на клучните принципи по кои се води Владата во своето работење, а тие се транспарентност и инклузивност во креирањето на политики и дигитализација на администрацијата.
Тој соопштил дека во изминатата година се преземени голем број мерки и активности за вклучување на сите засегнати страни во започнатите процеси како и целосно информирање на јавноста за преземените активности.
– Во тој правец беше одлуката за се зголеми бројот на денови за коменитрање на ЕНЕР, од 10 на 20 дена, со цел оставање поголем простор за вклучување на граѓанските организации, академијата, бизнис-заедницата и граѓаните при донесувањето нови закони, измени на закони…Пример за вклучувањето на сите засегнати страни во креирањето на политики е изработката на сите стратегии на кои работеше и работи МИОА во моментов. Тоа се Стратегијата за реформа во јавната администрација, стратегијата за широкопојасен интернет, за отворени податоци и за сајбер безбедност, истакнал Манчевски.
Во однос на зголемување на квалитетот и достапноста на јавните услуги, тој информирал за националниот портал за е-услуги, проектот „Една точка за услуги“ и проектот за креирање електронски идентитет на граѓаните.
– Сите овие проекти имаат една цел, а тоа е преку можностите што ги нуди дигитализацијата да ги донесеме услугите до граѓаните. Да го подобриме квалитетот и сликата за јавната администрација, како сервис во служба на граѓаните. Само кога граѓаните ќе ги имаат сите информации за работењето на институциите и ќе бидат вклучени во сите процеси, само тогаш ќе имаме политики и мерки кои одговараат на потребите на сите граѓани, навел министерот за информатичко општество и администрација.
Министерката Мила Царовска, пак, зборувала за заложбите и активностите на Министерството за труд и социјална политика во однос на пристапноста до јавните услуги за сите категории граѓани.
Царовска, како што соопштува владината прес-служба, истакнала дека оваа Влада е целосно посветена на остварување на целите за одржлив развој.
– Наша крајна цел е да изградиме хумано општество на просперитет и благостојба за сите граѓани и никој да не биде изоставен. Само со обезбедување добри услови за живот, достоинствен приход и квалитетни услуги, може да се надеваме на одржлив развој. Работиме интензивно на проширување на мрежата на градинки, особено во руралните средини, воведување нови услуги на локално ниво како персонална асистенција, пилотирање на младинската гаранција и целосно реформирање на системот за социјална заштита, истакнала Царовска.
Таа се осврнала и на родовата еднаквост како клучен предуслов за равој на еднакво и демократко општество.
– Родовата еднаквост е моја лична заложба и програмска цел на Владата на Република Македонија. Презедовме значајни чекори во насока на искоренување на сиромаштијата кај жените. Со промена на законот за минимална плата се намалува разликата во платите меѓу мажите и жените. Ја ратификуваме Истанбулската конвенција за борба и заштита од сите видови на насилство врз жените и семејното насилство, истакнала министерката за труд и социјална политика на министерската конференција во Маракеш.