Во редица понови, но и постари истражувања на јавното мислење, како институции со најголема доверба кај граѓаните се појавуваат АРМ и црквата, односно верските заедници. Од друга страна, интересно е тоа што овие институции се најмалку видливи во јавноста, односно самите тие не прават речиси ништо за себепромовирање или зголемување на сопствениот рејтинг и доверба пред јавноста, како што вообичаено практикуваат политичките партии, но и други тела и органи. На што се должи ваквиот феномен и зошто е тоа така
Без разлика дали се работи за изборна година или не, најчеста и најомилена алатка во партиско-политичките кругови се анкетите или истражувањата за нивото на довербата што партиите, нивните лидери или кандидати за одредени функции ја имаат пред граѓаните. На тест пред јавноста често се ставаат и одредени политички потези, планови или стратегии за да се види каква ќе биде реакцијата, дали ќе наиде на одобрување или на критика. Анкетите се важни и за власта и за опозицијата, но и генерално може да служат како своевиден индикатор за состојбите во државата во различни сфери.
Се чини дека предизборниот набој е претворен во хронична состојба на мерења и премерувања на политичкиот амбиент, кој се засилува кога навистина се случуваат избори. Тој феномен на хронично предизборие најверојатно потекнува од практиката довербата на јавноста во политичарите и во институциите да се проверува најмногу пред избори.
Но анкетите на јавното мислење често разоткриваат и одредени интересни феномени, кои сами по себе се предмет за анализа. Така, на пример, во редица понови, но и постари истражувања на јавното мислење, како институции со најголема доверба кај граѓаните се појавуваат АРМ и црквата, односно верските заедници. Од друга страна, интересно е тоа што овие институции се најмалку видливи во јавноста, односно самите тие не прават речиси ништо за себепромовирање или зголемување на сопствениот рејтинг и доверба пред јавноста, како што вообичаено практикуваат политичките партии, но и други тела и органи.
Последното истражување на јавното мислење, спроведено неодамна од Телма и од агенцијата „М-проспект“, ја потврдува тенденцијата на (не)доверба на граѓаните кон одредени институции и политички фактори, наспроти растечката и зголемена доверба кон АРМ, безбедносните служби и црквата и верските заедници. На што се должи ваквиот феномен и зошто е тоа така, побаравме одговори од аналитичарите.
– Драго ми е што едно од тие битни прашања за кои се поведе дискусија е ниската доверба во политичарите (па и пошироко, во институциите и партиите). МЦМС повеќе години ги следи тие трендови и за дискусија е зошто правосудството со години е на најниските гранки на довербата, нешто над 20 отсто, а ретко преминувајќи 30 отсто, а на слично ниво се и политичките партии. И граѓанските организации, во кои е и МЦМС, иако се подобри (најчесто над 40 отсто), ретко поминуваат во мнозинска доверба (над 50 отсто). И зошто во тие над 60 отсто (а никој сѐ уште не постигнал доверба од над 70 отсто) постојано се армијата на РМ, најчесто и полицијата, како и црквите/верските заедници? Таму до лани беше и специјалното јавно обвинителство, но годинава и тоа падна под 50 отсто. И да, за дискусија е зошто довербата (и рејтинзите) во политичарите и партиите е меѓу најниските – констатира Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС.
За еден аспект од овие прашања, односно на што се должи (не)варијабилноста на довербата на одредени институции, социолозите сметаат дека тоа произлегува од фактот што одредени политичари и институции секогаш се изложени на јавна критика, додека други се привилегирани и не се чепка многу под површината за нивното работење, како да постои одредено табу за нив.
– Недовербата, односно ниската доверба што ја имаат политичарите и политичките институции, во однос на верските заедници и безбедносните структури, наједноставно кажано, се должи на тоа што едните се изложени на процена на нивната работа од јавноста и медиумите, додека за другите сѐ уште не знаеме многу што навистина се случува таму. Безбедносните служби, како армијата и полицијата, по природата на своето постоење и понатаму оперираат со терминот „безбедносна тајна“, па јавноста тоа го прифаќа (дури и доброволно) како нешто за што не треба многу да се интересира. Истиот принцип се применува и за работата на верските заедници.
Навистина во јавноста се појавуваат информации, па и скандали, од работата на армијата, полицијата и верските заедници, но, и покрај тоа, сепак не се предмет на јавна критика. Таа константна доверба што се јавува во анкетите кон овие институции повеќе би ја нарекол перцепција на јавноста, заснована на извесна „безусловна“ доверба, која и не се преиспитува – вели Илија Ацески, професор на студиите по социологија на Филозофскиот факултет, при УКИМ.
Покрај изложеноста на јавната критика на политичарите и институциите и условната „недопирливост“ на безбедносните служби и верските заедници, објаснувањето на овој феномен политиколозите го гледаат во состојбата – државата во криза.
– Повеќепати се докажало дека секогаш кога државата е во криза, расте довербата кон оние институции што во јавноста се доживуваат како некаков стабилизирачки фактор. Дури и во време на безбедносната криза во земјава, во 2001 година, довербата во АРМ беше голема. Што се однесува до верските заедници, тие се повеќе апстрактен конструкт, кои повеќе претставуваат надеж, отколку израз на доверба во кризни ситуација. Во секој случај, овие институции за јавноста претставуваат повеќе стожер на надежта во кризни состојби, отколку реален израз на доверба. Постои уште еден аспект, кој навистина не е истражуван во анкети, но во овие институции (полиција, војска, цркви-верски заедници), постои одредена хиерархија, која претставува почитување одреден ред. Секако дека во кризни времиња, во кои се чини дека состојбите водат кон хаос, позитивно влијание кај јавноста имаат оние организации во кои постои дисциплина – вели политикологот Петар Арсовски.