Состојбите со поплавите на рудниците „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ кои предизвикаа  елементарна непогода во РЕК „Битола“ полека се санираат.

Од поплавените подрачја на откопните полиња и дотурот на јаглен, вработените во РЕК „Битола“ засега исклучиво со своите ресурси и помошта од Подружниците се  справуваат со последиците кои ги предизвикаа огромните поројни дождови какви што не се паметат во Комбинатот и кои предизвикаа прекин во ископот и дотурот на јаглен до битолските термоелктрани.

Во моментот со пумпи се испумпува водата и се чинат напори да се ослободат багерите од огромните количини вода кои ги поплавија. И покрај тоа што раководството на АД ЕСМ и РЕК „Битола“ за  елементарната непогода, која ги зафати рудниците на Комбинатот ги известија сите државни институции, почнувајки од Владата, Центарот за справување со кризи, Армијата, засега  последиците се острануваат со сопствени сили, но побарана е помош од електро енергетските комбинати и рудниците од соседните земји, пред се од „Колубара“ Србија, која пред неколку години исто така се соочи со огромни поплави.

Сите вработени во РЕК  „Битола“  се на своите работни места. Прекинати се сите одмори, користењето на слободни денови.

 – Нема повеќе одмори,  слободни денови, викенди, родендени, свадби, имендени. Сите работници, без разлика на кои работни места работаат, се вратени на работа и се ангажирани за санирање на последиците и справување со поплавите. Морам да кажам дека работниците покажаа висока свест и веднаш се вклучија во справувањето со проблемите. Тие се многу мотивирани да се надмине состојбата. –

На состанокот на раководството на АД ЕСМ и РЕК „Битола“ се усвои акционен план на кој се дадени задачи како по сектори и служби, така и на поединци. Вработените во рудниците прават се да се средат состојбите и да се врати нормалното работење. Начинот на кој се справуваат со последиците од елемнтарната непогода  сите вработени и нивното единстево не охрабрува дека за брзо време, доколку се подобри временската ситуација и престанат врнежите ќе го вратиме процесот на производство на јаглен и електрична енерхија во нормалата, рече првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на денешната прес конференција во РЕК „Битола“.

М.М.