Фото: Aрхива

Многу семејства ги паметат своите прадедовци до седмо-осмо колено, па до 17 век се знаат речиси сите случувања, и тоа во детали, пишува српскиот академик проф. д-р Војислав С. Радовановиќ во својата книга за тиквешкиот регион, за животот, обичаите, корените и преселбите, за минатото и иднината на луѓето што живеат на просторот од Мариово до Стоби и од Дреновската до Демикаписката Клисура

Според истражувањето на проф. д-р Војислав С. Радовановиќ, христијанското население под турска власт, поради неподносливо тешките животни услови во Македонија во тоа време, барало спас и прибежиште подалеку од родниот крај, таму каде што му се чинело дека турските зулуми и арнаутските наезди се помали и поретки. Македонски семејства преселени од тиквешкиот крај пред околу 150 години, на пример, го формирале сегашниот град Власотинце во Србија. По извесно време Влашотинац станува населба со 519 куќи и 2.626 жители. Големите преселби од тиквешкиот регион почнале во почетокот на 19 век, а само во Власина, или денешно Власотинце, и околните села се доселиле голем број македонски семејства, бегајќи од жестоките насилства во нивниот роден крај:

Каде исчезнаа македонските доселеници?

„Во ова време од Тиквеш во Власина се доселило семејството Дамњаничеви, кое, разделено во роднински групи, во 1905 година веќе имало 33 куќи и го славело свети Јован. Дамњаничеви се најстарите доселеници во Власина и го основале Дамњаничево Маало. По нив, во Власина се доселиле Милованови, кои во истата таа 1905 година имале 30 куќи, со повеќе семејства од овој сој. Некои од нив го славеле свети Никола, а некои свети Аранѓел. Милованови го основаат Лилишко Маало, а од истиот сој во Власина е основано и Стојковичево Маало, додека третиот син, доселен од Тиквеш, по кратко време се преселил во Буцалево и од него во тоа село во 1905 година имало 40 куќи“, пишува д-р Радовановиќ во својата докторска дисертација, односно антропогеографско истражување „Тиквеш и Раец“, објавено во 1924 година во Белград, истата година кога е избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје. Еден век подоцна, со пописот во Србија во 2002 година, од околу 16.000 граѓани, колкав што е вкупниот број жители на јужниот српски град Власотинце, како Македонци се изјасниле само 21 лице! Каде и како во меѓувреме исчезнале староседелците од Тиквеш што ги формирале првите три маала во градот? Дали денес има семејство Дамјановци, Миловановци или Стојковци во Власотинце? А освен во градот, и во селата во овој крај, кои влегуваат во состав на општината Власотинце, и ден-денес може да се сретне понекој Македонец што се изјаснил како Македонец на некој од пописите. Во селото Батуловци, на пример, при пописот од 2002 година како Македонец се изјаснил еден жител. Дали ова село има врска со селото Буцалево што го спомнува српскиот академик Радовановиќ во 1924 година, а во кое на почетокот на 20 век имало 40 куќи од тиквешкиот род Стојковци? Во селото Бољаре пописот регистрирал еден Македонец, а мошне интересен е податокот за селото Дадинце, каде што меѓу семејствата што го основале селото се спомнува и едно од семејствата доселени од Тиквеш речиси пред два века, но каде, за жал, со пописот од 2002 година, не е регистриран ниту еден Македонец: „Стојковци, пет куќи, слава Свети Аранѓел, дојдени од Власотинце“. Патем д-р Радовановиќ во својата дисертација спомнува дека семејството „Стојковци, доселено од Тиквеш во Власина“ славело Свети Аранѓел како куќна слава. Дали според славата што останала во семејството може да се тврди дека станува збор за истото семејство доселено од Тиквеш? Во селото Кукавица, каде што според пописот од 2002 живееле 535 жители, еден жител се изјаснил како Македонец. Во селото Ладовица со 904 жители, двајца се изјасниле како Македонци. Селото Своѓе пред 14 години имало 433 жители, а четворица од нив биле Македонци. Во селото Стајковце, каде што биле регистрирани 1.510 жители, само двајца не се изјасниле како Срби! Едниот се изјаснил како Македонец, а другиот како Бугарин!

Благодарност за добрите, гостопримливи и вредни Тиквешани!

Пред деведесет и пет години, кога ја објавил својата докторска дисертација, Војислав С. Радовановиќ имал триесет години, а веќе бил избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје. Според авторскиот вовед на изданието, објавено во графичкиот завод „Макарије“ во Белград во 1924 година, Радовановиќ своето теренско истражување во Македонија го започнал под менторство на Јован Цвијиќ во 1914 година: „Основите и насоките во истражувањето ми ги дадоа трудовите на Цвијиќ…, а тоа што дојдов до драгоцени податоци за развитокот на населбите, за потеклото на жителите и за нивните општествени и стопански состојби, им должам особена благодарност на овие добри, гостопримливи и вредни Тиквешани…, кои во првите разговори почувствуваа дека не станува збор за некаква политичка пропаганда, туку дека станува збор за наука што е за доброто на луѓето. Народот во овој крај е благ и добар, а тоа што е длабоко повлечен во себе се должи, пред сѐ, на неговата антропогеографска судбина со чие разјаснување се нафатив. Антропогеографските карактеристики на оваа до неодамна од Турците поробена земја многу се разликуваат од оние во северните српски области…“ Студијата е објавена на околу 450 страници, со многу оригинални фотографии, скици и карти, и, според многумина, претставува единствена антропогеографска студија од ваков вид во балканската и светската наука.
Освен неа, Радовановиќ објавува и мошне интересна книга „За народната храна во Мариово“, каде што детално се анализира исхраната на населението во оваа област, со посебен акцент на лебот од желади, кој се јадел само во исклучителни ситуации. Всушност, најголем дел од своите истражувања посветил на Мариово, а ги објавил во збирката „Мариово во песни, приказни и шеги“, објавена во 1931 година во Скопје. Во оваа книга, покрај обемната граѓа, даден е и регистар, белешки на кажувачите и забелешки во врска со одделни видови народни песни во Мариово. Во истата група истражувања спаѓа и научната студија „Народната носија во Мариово“, со 52 ексклузивни фотографии, објавена во Скопје во 1935 година, а според многумина најдобра студија од таков вид во јужнословенската етнолошка литература воопшто. Многу значајна е и студијата „Света Злата Мегленска“, како и студијата за култот кон Крале Марко, односно неговото преставување по селските цркви.
Според д-р Радовановиќ, староседелците од Тиквеш, на пример, во себе кријат „голем процент асимилирано население од византискиот и од другите постари претсловенски периоди“. Во тој контекст, пишува тој, староседелците своите претходници ги нарекуваат со името Илими, односно сѐ што е најстаро го означуваат како „илимска работа“. Илимите се паметат како многу крупен, силен и убиствен народ, а тоа доаѓа од сеќавањата за долготрајните борби што се воделе по течението на Црна Река и Вардар. Притоа многу семејства ги паметат своите прадедовци до седмо-осмо колено, па до 17 век се знаат речиси сите случувања, и тоа во детали, пишува српскиот академик проф. д-р Војислав С. Радовановиќ во својата книга за тиквешкиот регион, за животот, обичаите, корените и преселбите, за минатото и иднината на луѓето што живеат на просторот од Мариово до Стоби и од Дреновската до Демикаписката Клисура.


Кој е проф. д-р Војислав С. Радовановиќ?

Проф. д-р Војислав С. Радовановиќ е роден во 1894 година, во селото Павлица, во областа Рашка. Неговиот татко Софроние, по занимање учител, бил познат социјалист, кој по казна бил преместуван заедно со семејството од село во село. Затоа Војислав основно училиште завршил во селото Врбовец, гимназиското образование го продолжил во Шабац, а матурирал во Ниш. Во 1912 година се запишал на одделот Географија на Белградскиот универзитет. Иако по струка бил геоморфолог, проф. Радовановиќ во својата научноистражувачка работа се занимавал и со антропогеографија, етнологија, физичка и историска географија, но и со историја, објавувајќи голем број значајни научни трудови, меѓу кои е и неговата докторска дисертација „Тиквеш и Раец“, за која многумина велат дека е една од најдобрите и најисцрпни антропогеографски монографии на Балканот. Во својот богат творечки живот, а живеел само 64 години, бил доцент, вонреден и редовен професор на Скопскиот, Загрепскиот и Белградскиот универзитет, но и дописен член на Српската кралска академија. Бил учесник во Првата светска војна на фронтот кај Смедерево. По војната ги продолжува студиите, потоа дипломира и во 1921 година е поставен за привремен предметен учител, а од 10 ноември истата година веќе е суплент во гимназијата во Скопје, каде што останува до октомври 1922 година. По покана од проф. Јован Цвијиќ извесно време работи како негов асистент на Географскиот институт на Универзитетот во Белград, каде што во 1924 година ја брани и својата докторска дисертација, а потоа е избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 1926 година веќе е вонреден, а во 1938 година редовен универзитетски професор во Скопје. За време на фашистичката окупација, владата на генерал Недиќ бара српската интелектуална елита да потпише изјава за лојалност на власта. Меѓу неколкуте угледни српски интелектуалци што одбиле да ја потпишат изјавата бил и проф. д-р Војислав Радовановиќ. И покрај тоа, иако двете негови ќерки биле комунистки, кои активно учествувале во борбата против окупаторот, проф. Радовановиќ сепак не бил затворен во логорот „Бањица“, благодарение на помошта од страна на еден двоен шпион во Белградската специјална полиција. За жал, синот Радован завршува во германскиот концентрационен логор „Маутхаузен“, каде што во 1943 година му се губи трагата. По ослободувањето, д-р Радовановиќ формално сѐ уште е професор на Скопскиот филозофски факултет, од каде што е преземен на Белградскиот универзитет како редовен професор по географија и антропогеографија на Природно-математичкиот факултет, каде што останува сѐ до смртта во 1957 година.

Пишува: Блаже Миневски