Српскиот министер за државна управа и локална самоуправа Бранко Ружиќ денеска ги распиша изборите за националните совети за малцинствата во Србија, за 4 ноември, меѓу кои и за македонското малцинство.
Ружиќ на прес-конференција изјави дека во посебниот избирачки список до 15 август се запишале 475.000 граѓани кои можат да гласаат за 22-та национални совети.
– Членовите на националниот совет на македонското, руското, црногорското и на хрватското малцинство ќе се бираат посредно, преку Изборно собрание, бидејќи во посебниот избирачки список не се запишале повеќе од 40 отсто гласачи од соодветното малцинство, изјави Ружиќ.
Тој додаде дека членовите на останатите 18 национални совети ќе се бираат непосредно, додека рокот за предавање на листите за непосредните избори е 15 дена пред нивното одржување, а за електорските избори 30 дена.
Ружиќ посочи дека запишувањето во избирачкиот список е континуиран процес и оти ќе трае и по изборите, повикувајќи ги притоа сите припадници на националните малцинства да го искористат своето избирачко право и да се запишат во избирачкиот список.
Националните совети во Србија, меѓу кои е и Македонскиот национален совет, е институција преку која националните малцинства во Србија ја остваруваат својата со Устав загарантирана самоуправа во образованието, културата, информирањето, употребата на јазикот и писмото, но не и во политиката.
Припадниците на македонското национално малцинство, доколку сакаат да учествуваат на изборите за националните совети, на доброволна база треба да се запишат во општините во Србија во посебниот избирачки список за малцинствата, со што се стекнуваат со право да учествуват во избирачкиот процес, да избираат или да бидат избрани за членови на својот национален совет.
Според српските закони, националните совети според бројот на припадниците на националниот малцинства може да бројат од 15 до 35 членови, а за македонскиот национал совет тој број изнесува до 15 члена.
Националните совети се бираат на секои 4 години и се финансираат од буџетот на државата, од автономната покраина и единиците на локалната самоуправа и како и останатите организации кои се носители на јавни овластувања, важно е да работат и средствата да ги трошат транспарентно.
Но, на повеќе досегашни средби на Македонците во Србија, како и на средбите со претставниците на македонските власти, беа искажани проблеми и несогласувања, со обвинувања за работата на постоечкиот Национален совет и распределбата на финасиски средства меѓу нив.
Во Србија според последниот попис од 2011 година, за разлика од минатите години бројот на Македонците опаѓа, или 22.755 лица се изјасниле како припадници на македонската националност, што е околу 0,32 отсто од вкупниот број на жители во Србија.
Според неофицијалните проценки во Србија живеат над 100.000 Македонци.