Советот на македонски заедници во Австралија испрати отворено писмо до генералниот менаџер на „Канал 31“ Шејн Данлоп, по повод информациите дека австралиската телевизија ја разгледува можноста за преименување на македонската програма „Македонците во Австралија“ како „северномакедонска“ поради, како што наведуваат, притисокот од грчките националистички кругови.
– Македонскиот народ во Австралија не е обврзан од условите на нелегалниот и неуставен Преспански договор што беше мнозински одбиен од страна на граѓаните на Македонија на референдумот одржан на 30 септември 2018 година. На овој референдум македонскиот народ убедливо ја одби предложената промена на името со навредливиот и денационализирачки назив Северна Македонија, како и придавките кои произлегуваат од него и забраната за официјална употреба на националните симболи – се вели меѓудругото во отвореното писмо, во кое се додава дека Македонците во Австралија го отфрлаат Преспанскиот договор, како и дека тој не ја обврзува Австралија да го почитува на кој било начин.
Македонците жестоко се спротивставија на евентуалното преименување на македонската програма што се емитува на „Канал 31“.
– Каков било обид од страна на вашата телевизиска станица за промена на името на македонската програма во „северномакедонска“ директно ќе го оспори темелот на кој се заснова политиката на мултикултурализмот, главно преку слободната етничка самоидентификација и самоопределба – гласи ставот на македонската заедница во Австралија.
Авторот на писмото се повикува и на ставот на Бирото за статистика на Австралија и на австралиската влада, која ја финансира телевизијата, според кој се почитува правото за идентификација на Македонците во Австралија, а јазикот се ословува како македонски.
– Термините како што е „северномакедонски“ дури не се ни вклучени во омразениот Преспански договор. За „Канал 31“ воопшто да размислува за нив би претставувало лакрдија и задоволување на грчкиот национализам и нетолеранција. Затоа ве повикувам да го отфрлите екстремно дискриминирачкиот и ретрограден обид за преименување на нашата заедница – заклучува авторот на писмото до австралиската телевизија „Канал 31“.