Познавачите на состојбите велат дека Македонија продолжува да ја живее традицијата на меѓусебна почит, особено за време на религиски празници и покрај наметнатиот политички турбулентен амбиент. Соживотот е постојано со умисла ставан на тест или, како што велат соговорниците, „има перманентни обиди соживотот да се саботира“, во контекст на тешкотиите со кои се соочува општеството низ гротескните политикантски игри, а политиката е таа што честопати знае да ја злоупотребува и религијата за остварување одредени национално и конфесионално уништувачки цели
Верниците од муслиманска вероисповед денеска го слават Курбан-бајрам. Ова е само еден од неколкуте денови во годината, кои ги поврзуваат граѓаните во државава токму преку нивната различна верска определба. Муслиманите ќе го слават еден од најголемите празници, а христијаните, пак, ќе изразуваат почит кон своите соседи и сограѓани. Македонскиот мултирелигиски соживот има длабоки корени во земјава, но токму за време на празниците тој е и најмногу видлив. Традицијата на почит едни кон други, без разлика на религијата, и без разлика на опкружувањето, состојбите и наметнатите околности, продолжува и денес. Оние што имаат свои блиски пријатели муслимани, ќе ги посетат за празникот, повеќето од нив ќе разменат честитки преку телефон, но и преку социјалните мрежи.
Познавачите на состојбите велат дека Македонија продолжува да ја живее традицијата на меѓусебна почит, особено за време на религиски празници и покрај наметнатиот политички турбулентен амбиент. Соживотот е постојано со умисла ставан на тест или, како што велат соговорниците, „има перманентни обиди соживотот да се саботира“, во контекст на тешкотиите со кои се соочува општеството низ гротескните политикантски игри, а политиката е таа што честопати знае да ја злоупотребува и религијата во остварување одредени национално и конфесионално уништувачки цели. Но најважно од сѐ е дека сѐ уште верските аналитичари сметаат дека и покрај тоа, Македонија е пример за верски соживот, а тоа е така најмногу поради изградените традиционални релации меѓу луѓето во историјата низ столетијата и секојдневието, и токму кога празниците, без разлика дали се празнувал христијански или муслимански празник, ги обединувале сите од соседството. Сепак, меѓуверскиот соживот е нешто што треба постојано да се надградува, а во тоа голема улога имаат верските заедници во државата.
Курбанот за сиромасите но духовно богати…
Хуманизмот, хармоничните односи меѓу луѓето, меѓу човекот и светот и стремежот кон мир и благосостојба, како основни принципи на исламот, на празникот Курбан-бајрам се исполнуваат со посетување на роднините и пријателите и со честитки и добри желби за секој намерник.
Курбан-бајрам се одбележува 70 дена по првиот Бајрам во годината, Фитр-бајрам, а го одбележува денот кога е комплетиран Светиот куран. Со утринската молитва сабах-намаз, а потоа и со молитвата бајрам-намаз почнува неговата тридневна прослава, во која почитта кон Алах муслиманите ја искажуваат со колење курбан.
Ова е еден од двата најголеми муслимански празници, кој трае 7 дена (10-13 зулхиџет, односно дванаесеттиот месец според арапскиот календар) и е таканаречен празник на жртвата затоа што тогаш се принесува жртва-курбан, обично овни и им се делат на сиромасите. Обичајот го изведуваат сите што имаат можност за тоа. Оние што принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. На овој ден се крунисува аџилакот на аџиите што отишле да ѝ се поклонат на Светата Ќаба во Мека.
Длабока искреност наместо лажна куртоазија
Улогата на Исламската верска заедница во земјава има големо значење во развивањето на меѓуверскиот дијалог и соживот за Република Македонија, за нејзиното афирмирање како држава богата со различни културни вредности. Токму ова во интервју за „Нова Македонија“ пред два месеца, во пресрет на празникот Рамазан-бајрам го потврди и првиот човек на ИВЗ, реис-ул-улема Сулејман ефенди Реџепи, кој на прашањето колку оваа верска заедница работи на соживотот меѓу граѓаните, особено за големите верски празници, истакна дека сите заедно треба да продолжиме да ја негуваме определбата за почитување на верската различност и меѓусебна толеранција, со што ќе го дадеме својот придонес за подобро утре на денешните и на идните генерации.
– Соживотот го доживувам како начин на живеење и на размислување, не како обична куртоазија. Да скршиш едно велигденско јајце или да изедеш едно парче бајрамска баклава е нешто сосема едноставно, нешто што секој може да го стори. Нивната симболичка вредност при верските празници е голема и упатува на размислување за вредностите на животот подарен од Бога, кој мора да биде осмислен духовно, исполнет со почит и пријателство, со хуманост. ИВЗ работи и се труди за и околу соживотот, било за време на верските празници, било по празниците – изјави реисот.
Реџепи: Подајте им рака на оние на кои им е потребна помош
Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, им порача на муслиманските верници овој Курбан-бајрам да го поминат во мир и разбирање. Исто така, празникот им го честита на Албанците во дијаспората и на сите муслимани во светот.
– Честитките во текот на овој празник секако треба да ги одликуваат подадената рака, прегратката, меѓусебните посети и помирувањето. Канејќи ве да се молиме за здравјето на нашите браќа и сестри што се наоѓаат во светата земја извршувајќи го аџилакот, дозволете да ви ги изразам најискрените честитки по повод Курбан-бајрам. Браќа и сестри, нека ви е среќен Курбан-бајрам, ви посакувам да си поминете среќни мигови во текот на овој празник. Со посебни желби им го честитам празникот на нашите браќа Албанци во дијаспората, како и на сите муслимани низ светот – порача поглаварот Реџепи.