Она што како значајна теза се издвојува од анализите, а полека добива третман на важна џокер-карта доколку има одлука за предвремени парламентарни избори, е токму одзивот на немакедонскиот електорат на референдумот, односно колку од тие 609.813 гласа (91,46 отсто) што се изјасниле „за“ им припаѓаат на гласачи Македонци. Доколку се направи анализа на структурата на гласовите по избирачки места, ќе добиеме значаен сигнал, според кој доминантно македонските етнички средини се далеку под бараниот цензус, за разлика од доминантно албанските општини/избирачки места, каде што одзивот е околу педесет проценти плус – минус, вели професорот Љупчо Ристевски
Едно од мистериозните прашања на маргините од минатонеделниот референдум, кои загатнаа и малку поинаков ракурс за анализа на резултатите од споменатиот референдум, е етничката структура на гласовите. Некои аналитичари токму овој ракурс ќе го третираат како важна џокер-карта доколку има одлука за предвремени парламентарни избори.
Имено, уште додека траеше изјаснувањето на референдумот и стигнуваа информациите за тековниот одзив од ДИК, и покрај предвреме постигнатиот цензус во општините со мнозинско албанско етничко население, Сарај и Липково, на социјалните медиуми и во анализите во отворените телевизиски студија беше констатирано дека „албанските гласачи потфрлиле“. Но исклучително дециден во своите ставови и бројки се покажа вицепремиерот за евроинтеграции и висок функционер на ДУИ, Бујар Османи, веројатно според негови релевантни извори и показатели, дека на референдумот во неделата, на 30 септември, гласале 250.000 Албанци.
Во тој контекст на така искажаната бројка беа реакцијата и изјавата на ВМРО-ДПМНЕ за индикациите „за полнење на гласачките кутии на избирачките места во албанските етнички средини“.
Демантирајќи ги обвинувањата за полнење избирачки кутии во Сарај и во Струга и додавајќи дека тоа треба да го проверат надлежните институции, вицепремиерот Бујар Османи се осврна и на неколку показатели.
– Тие гласаа во максималниот можен број што во моментов го има во Македонија. Тоа го гледам споредбено со сите други изборни циклуси. Ако ги земеме локалните избори, секогаш на локалните избори одзивот е најголем. Албанците имаат нешто поголем одзив отколку на локалните избори во 2017 година. Според општините каде што Албанците се во доминантно мнозинство околу 270.000, процената е дека гласале некаде околу 250.000, но тоа треба да се потврди – истакна Османи.
Во меѓувреме, односно за време на петте дена по референдумот, освен тоа што претседателот на ДИК констатира од формалноправен аспект дека референдумот не е успешен, а ДИК процедурално во тој контекст констатира дека нема да донесе одлука за референдумското прашање поради непостигнатиот цензус, Владата калкулира со резултатите низ политичка призма и тврди дека тој е успешен, поради поддршката што ја доби од речиси 91 отсто од излезените речиси 37 отсто гласачи. И министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по референдумот на 30 септември, во интервју за грчката ЕРТ, изјави дека имале преоптимистички прогнози за одзивот од Владата во Скопје.
– Имавме информација од Владата во Скопје дека на референдумот ќе излезат помеѓу 40 и 45 отсто. Ние, пак, мислевме дека одзивот ќе биде 41 отсто. Се покажа дека одзивот беше понизок и од тоа – кажа Коѕијас во грчките медиуми.
Но она што како значајна теза се издвојува од анализите, а полека добива третман на важна џокер-карта доколку има одлука за предвремени парламентарни избори е токму одзивот на немакедонскиот електорат на референдумот, односно колку од тие 609.813 гласа (91,46 отсто) што се изјасниле „за“ им припаѓаат на гласачи Македонци.
Имено, ако албанските гласови биле, како што тврди вицепремиерот Бујар Османи, 250.000 (според процените на некои НВО, се движеле од 230 до 270 илјади, а според истите тие извори, бројката на ромските гласови е апроксимативно околу 9.000 гласа (во општината Шуто Оризари 8.947 гласачи се изјасниле „за“), на турските, во Центар Жупа – 2.110, на српските – во општините Старо Нагоричане и Чучер-Сандево, збирно 2.679), тогаш бројката на македонските гласачи е околу 300.000 (?!). Згора на тоа, од оваа бројка не се одземени гласовите на немакедонското население што е дисперзирано во општините каде што е доминантно македонското население.
– Не може прецизно да се одреди етничката структура на гласовите, според малцинствата што се регистрирани во Република Македонија. Различни процени што се изнесени во јавноста по референдумот, албанските гласови ги бројат во распон на бројки од 200.000 до 270.000. Според практиката на земање некоја средна вредност, веројатно реално тие се меѓу 230.000 и 250.000 гласа. За другите етнички заедници е тешко да се процени, освен делумно за Ромите, според референдумските резултати во Шуто Оризари и за Турците според Центар Жупа – вели првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски, а токму тие бројки се земени предвид во анализите.
Во врска со ова, професорот по политички науки Љупчо Ристевски истакнува дека, сепак, вториот дел од референдумското прашање, кое се однесува на содржината и последиците од спогодбата меѓу Република Македонија и Република Грција, сепак е прашање што најмногу го засега македонскиот народ во Македонија, а резултатите за излез на македонскиот народ го покажува спротивното.
– Доколку се направи анализа на структурата на гласовите по избирачки места, ќе добиеме значаен сигнал, според кој доминантно македонските етнички средини се далеку под бараниот цензус, за разлика од доминантно албанските општини/избирачки места, каде што одзивот е околу педесет проценти плус-минус – вели професорот Ристевски.
Професорот истакнува дека ако на ова се придодадат гласовите на преостанатиот немакедонски електорат, освен Албанците, тогаш заклучоците се различни од оние што циркулираат во јавноста. Во тој контекст, професорот е исклучително експлицитен.
– Ова говори јасно за волјата на гласачите и за неуспехот на Владата да ја добие поддршката од македонскиот народ. Ако сето ова го вмрежиме низ матрицата на суштинските идентитетски аспекти на спогодбата со Грција, тогаш можеме да заклучиме дека македонскиот народ им одолеа на медиумските притисоци, како и на своевидниот мобинг на претставниците на меѓународната заедница врз сувереното право на граѓаните од македонската етничка позиција да одлучуваат дали ќе се изјаснуваат во однос на референдумското прашање. Спогодбата од Мала Преспа, која беше затскривана зад шансата за членството во ЕУ и во НАТО, сепак е прашање што најмногу го засега македонскиот народ во Македонија – вели професорот по политички науки Љупчо Ристовски.