Меморандум за разбирање помеѓу американското Министерство за енергетика и Министерство за внатрешни работи на Република Македонија во врска со спречувањето на нелегалната трговија со нуклеарен и друг радиокативен материјал, денеска потпишаа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли.
Меморандумот, како што рече министерот Спасовски, ќе овозможи поквалитетна контрола и превенција на проблематиката со нелегална трговија со нуклеарен и друг радиокативен материјал, притоа воспоставувајќи повисоки технички, оперативни, стручни и други стандарди, и истовремено инволвирајќи ги поефикасно конкретно надлежните инситуции – не само Министерството за внатрешни работи, туку и Царинската управа на Република Македонија, како и Дирекцијата за радиациона сигурност.
-Овој Меморандум за разбирање претставува нова нормативна рамка за интензивирање на досегашната заедничка и плодна соработка. Со Меморандумот за разбирање, МВР и Националната управа за нуклеарна безбедност при американското Министерство за енергетика одат чекор напред во партнерските напори за поквалитетна контрола и превенција на проблематиката со нелегална трговија со нуклеарен и друг радиокативен материјал – рече Спасовски.
Со Меморандумот се отвораат конкретни можности и за експертско, односно стручно оспособување на наши службеници во областа на нуклеарната и радиоактивна заштита, што бездруго ќе значи дополнителен инпут за зголемување на нивото на заштита, како во национални, така и во регионални и меѓународни рамки.
Министерот информираше дека до крајот на годинава, односно во текот на ноември, од страна на Националната управа за нуклеарна безбедност за потребите на соодветните гранични служби на МВР ќе бидат донирани два мобилни система за детекција, посебно специјализирани возила со дополнителна современа опрема – вредни околу 550.000 американски долари.
Опремата ќе се користи во процедурите на работа како на организациските единици од МВР, така и на Царинската управа и Дирекцијата за радиациона сигурност.
Соработката меѓу Министерство за енергетика на САД и МВР, според амбасадорот Бејли, ќе доведат до зголемена способност за откривање и спречување на нелегалната трговија со нуклеарни и други радиоактвини материјали во Македонија.
-Тоа ќе значи техничка соработка, поконкретно, инсталирање на нови и подобрување на постоечките системи на граничните премини и на други локации во Македонија – појасни Бејли.
Директорката на Управата за нуклеарна безбедност на САД Лорел Котон информираше дека со испораката на возилата ќе биде обезбедена и детална обука за ракување и одржување на тие системи од експерти за нуклеарна безбедност од националните лаборатории на САД. Ова, рече таа, е многу важна работа за да се спречи користењето на нуклеарните материјали во терористички акции.