Ненавременото завршување на Коридорот 8 создава простор за конкурентска закана од користење други транспортни коридори што ја заобиколуваат Македонија, како што е Коридорот 4, кој поминува низ Бугарија и Романија и кој овозможува поврзување на Централна и Западна Европа со Блискиот Исток и Централна Азија
Република Македонија има стратегиска позиција на Балканот, бидејќи е природен крстопат низ кој поминуваат европските коридори 8 и 10, што ѝ овозможуваат важна улога во јакнењето на економскиот пораст на регионот. Ваквата позиција ја прави нашата земја клучен транзитен центар, од една страна преку Коридорот 10 таа е порта за влез во Европа, а од друга страна преку Коридорот 8 таа е клучна точка при поврзување на Црно Море и Јадранско Море. Но поради неразвиеноста на инфраструктурната мрежа не ја искористуваме предноста што ни е дадена.
Трговската размена со соседните Албанија и Бугарија се одвива само преку патна инфраструктура, бидејќи немаме директна железничка поврзаност. Уште поголем проблем за економијата и за граѓаните е што ниту патната инфраструктура не е на задоволително ниво, кое ќе овозможи побрз проток на стока и патници во двата правца.
– Не навлегувајќи во висината на потребните инвестициски средства за комплетирање на Коридорот 8 на одделните делници на територијата на Република Македонија, може слободно да се констатира дека тој би имал огромно економско значење за македонското стопанство – велат од Стопанската комора на Македонија.
Доколку има можности за користење повеќе сообраќајни коридори кон странство, а пред сѐ преку Коридорот 8, македонските компании ќе ги избегнат последиците од честите блокади на железничките и патните правци во одредени кризни ситуации во Грција. Во таквите моменти компаниите мораат да ја преупатат стоката преку подалечни патишта, или пак да користат камионски превоз, со што поскапува и испораката.
– Оваа состојба е особено неповолна за металуршкиот сектор, кој поради природата на производите не може да најде замена за железничкиот превоз. Доколку се комплетира железничкиот дел од Коридорот 8, последиците од типот блокади, застои и претовар ќе бидат избегнати со минимални трошоци – истакнуваат од Комората.
Од СКМ истакнуваат дека, гледајќи го поширокиот аспект на проблемот, ненавременото завршување на започнатите развојни процеси на Коридорот 8 создава простор за конкурентна закана со користење други транспортни коридори што ја заобиколуваат Македонија, како што е Коридорот 4, кој поминува низ Бугарија и Романија и кој овозможува поврзување на Централна и Западна Европа со Блискиот Исток и Централна Азија. Реалната закана што доаѓа од овој коридор е и поради подобрата позиција на овие земји, кои се членки на ЕУ. Ваквиот развој неповолно би ја изменил геостратегиската позиција на Република Македонија.
– На меѓународен план правевме студија за поминување на Коридорот 8 од Истанбул до Драч. Тука, на далечина од 1.200 километри, има четири различни правни системи. Турција, која е кандидат за членство во ЕУ од 1950-тите години, Бугарија, која е рамноправна членка, Македонија, која е кандидат за член во ЕУ, и Албанија, која е во лер. Тоа се четири различни системи, а еден возач треба да ги помине сите тие системи. Затоа патувањето на стоката по Коридорот 8 трае три дена, додека по грчки автопат трае два дена. Поради тоа превозниците се во конкурентна предност да ги користат пред сѐ автопатиштата во Грција, отколку во Македонија, а сето тоа има парична рефлексија – кажа првиот човек на СКМ, Бранко Азески.
Со развојот на железницата по должината на Коридорот 8 ќе се подобрат инфраструктурните услови за зголемување на странските инвестиции во нашата држава и ќе се отворат можности за подинамичен развоен циклус на Македонија и целиот регион.
– Најголемиот дел од старото железо, кое е наша главна суровина, се увезува од Бугарија и од Србија. Заради непостоење на директна железничка врска, изминативе 20 години сме принудени да плаќаме огромни суми за негово транзитирање низ Србија. Покрај дополнителните трошоци за транспорт, се зголемува и времето на патување на пратките, бидејќи пратките од Софија за да стигнат во Скопје прво мора да поминат до Ниш во Србија, па потоа да го продолжат патувањето кон Скопје. Тоа значи ангажирање дополнителни количества соодветни вагони од страна на сите инволвирани железници, а нивниот број не е секогаш доволен – вели Јане Адамчески, директор за продажба во „Макстил“.
Подобрувањето на железничката мрежа позитивно ќе влијае врз динамиката на економскиот развој, ќе има пораст на трговијата и општо пораст во економијата, а тоа ќе се одрази и врз зголемување на вработеноста и отворање нови работни места.
– Со современа железничка инфраструктура на Коридорот 8, не само што ќе се олесни експанзијата на стоковните текови меѓу трите земји туку ќе биде значаен и за подинамична размена за ЕУ-пазарите до Централна Азија и обратно, претворајќи го југоисточниот европски регион во зона на слободна трговија. Преку комплементарно поврзување на стопанските структури, тој ќе обезбеди многу подобар пристап до светските пазари и до потребните суровински извори – истакнуваат од СКМ.
Не треба да се изостават ефектите во туристичката сфера, развојот на нови бизниси по должината на коридорот, како и олеснувањето на начинот на комуникација меѓу различните култури од регионот и пошироко.
Особено значајно е што со комплетирањето на Коридорот 8 ќе се олесни патот на Македонија до Европската Унија, со оглед дека кракот што ќе поминува низ неа ќе стане дел од ЕУ.
– Функционалната раздвиженост на овој железнички коридор видно би ги динамизирала транспортните текови на луѓе, стока и капитал во поширокиот регион на Југоисточна Европа, со поквалитетно поврзување со каспискиот регион, Црно Море, Југоисточна Европа, Јужна Европа и др. Оттаму, недвосмислено и без сомнение, може да се констатира дека железничката поврзаност преку овој коридор е вистинска потреба и реалност за севкупниот развој на земјата и пошироко, создавајќи ѝ услови за успешно вклучување во светскиот процес на глобализација, карактеристичен по либерализираната меѓународна размена и мобилните капитални инвестиции, и отворајќи ѝ простор за поширока интрарегионална соработка, како општоприфатен тренд на европската и светската економија – заклучуваат од Комората.
Стоковна размена со земјите по должината на Коридор 8
На потребата за подобрување на функционалната сообраќајна поврзаност, особено на железничка поврзаност на земјите од овој регион преку Коридорот 8 упатуваат и економските показатели. Вкупната вредност на стоковната размена на Македонија со трите балкански земји од Коридорот 8, Албанија, Бугарија и Турција во 2017 година изнесува 1,2 милијарда американски долари, што е 9,4 отсто од вредноста на вкупната стоковна размена на земјава со странство.
Вкупното количество разменета стока со трите балкански земји од Коридорот 8 во 2017 година изнесува 1.956 тони, или 22,1 отсто учество во вкупниот обем на стоковна размена со странство.
Камионскиот пред железничкиот превоз
Во Македонија доминира превозот на стока со камиони, наспроти железничкиот, кој, пак, во светски рамки е многу позастапен. Една од основните причини е во карактерот, условите, квалитетот и разликата во услугата и потребите и барањата на стопанството.
– Гледано од трошковен аспект, железничкиот превоз е поекономичен од камионскиот само за масовни превози на подолги релации, при што трошоците за транспорт по единица превезена стока се поевтини во однос на камионскиот превоз. Железницата ја користат големите производствени капацитети со добра сообраќајна комуникација, кои не ја префрлаат стоката на споредни транспортни јазли, односно која поради карактерот не подлежи на претовар. Ретки се производствени компании што влегуваат во оваа категорија, што укажува дека кај нас има и намалена потреба од користење железнички услуги – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.
Камионскиот превоз, кој сѐ повеќе му конкурира на железничкиот, е пофлексибилен во поглед на брзината на превозот, можностите за примена на претоварни манипулации, примена на современ интегриран транспорт, превоз на камион во воз или брод, примена на системот „од врата до врата“, користење алтернативни патишта во случај на блокади и слично.
– Главна причина за префрлање на количествата од железнички на камионски превоз е цената. Поради специфичноста на нашите суровини и готови производи, ние сме директно поврзани со железницата. Сепак, поради промена на побарувањата на купувачите и на пазарот на метални производи, сѐ поголем дел од готовите производи се испорачуваат камионски – вели Јане Адамчевски, директор за продажба во „Макстил“.