Државната комисија за спречување на корупцијата соопштува
Индексот на перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернејшенел покажува дека, со освоените 35 индексни поени, Македонија стагнира во борбата против корупцијата, но едновремено бележи и пад од пет места на ранг листата на земјите, соопшти Државната комисија за спречување на корупцијата.
Според методологијата, за оценката на Македонија користени се седум извори на податоци, а според моменталните расположливи информации пад е забележан во областите на владеење на правото и на човековите права и слободи.
– Она што навистина загрижува и што со години наназад се случува е недостигот на ефикасност во справувањето со корупцијата, иако декларативноста е секогаш високо изразена. Но за ефикасна борба покрај нормираниста и декларативноста неопходни се и адекватни ресурси на надлежните институции и надзорни тела и што е уште поважно, посветеност и проследување на случаите на корупција и судир на интереси. Влијанието на политиката, злоупотребите на службената положба и овластувања, непотизмот, клиентелизмот и кронизмот се сеуште широко распространети. Делувањето на ДКСК, покрај другите надлежности е особено насочено и во овие области кои се препознаени како високоризични и се дел од мерките утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 – велат од ДКСК.
Од таму истакнуваат дека за успешно завршување на детектираните случаи и надминување на воспоставените негативни состојби неопходна е и спроведливост на нејзините препораки, укажувања и иницијативи од страна на надлежните институции и токму тоа е констатирано и препорачано и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот од 2020 година.