Македонија ќе биде прва земја во регионот, која воведува индикатори за препознавање на деца-жртви. Индикаторите се алатки кои ќе треба да ги користат сите надлежни институции вклучени во процесот на идентификација на деца-жртви, а носител на целокупниот процес е Министерството за труд и социјална политика. Целта е овој феномен да стане мерлив, секоја надлежна институција да препознае дете-жртва на одредена форма на насилство и тоа по строго одредени критериуми со цел да не се прават пропусти.
Индикаторите за потребите на државните институции ги изработи Советот за превентива против малолетничка деликвенција. На оваа тема МИА разговараше со основачот и претседателот на Советот, судијата Лазар Нанев, судија и вонреден професор на Правниот факултет во Штип, кој исто така е и претседател на Комисијата за ревизија на АКМИС системот.
Во интервју за МИА Нанев деталнo ги појаснува индикаторите, процесот на нивна изработка, состојбата со малолетничката деликвенција во земјава, поврзаноста меѓу дете-жртва и дете во судир со законот.
– Развивањето на системот на индикатори е детерминиран поради тоа што денес голем број деца страдаат поради криминал и злоупотреба на моќ и дека правата на тие деца не се соодветно препознаени, дека тие може да бидат изложени на дополнителни тешкотии кога помагаат во правниот процес, дотолку повеќе што децата се ранливи и имаат потреба од посебна заштита која одговара на нивната возраст, ниво на зрелост и индивидуални посебни потреби, а со тоа и да се спречи виктимизацијата на децата, да се утврди дали процедурите, процесите и ресурсите се имплементираат, функционираат дали се препознатливи, кои се неговите недостатоци, потреби, нагласува Нанев.
Ниту една земја во регионот на ЈИЕ нема такви индикатори. Во ЕУ имаат одредени земји, Ирска, скандинавските земји. Креирани се за секоја институција, вклучена во овој процес, ЦСР, полиција, судство, обвинителство, здравство, образование.
На прашањето на кој начин, по кои критериуми досега институциите ги идентификуваа децата-жртви Нанев вели: „Никако“.
– Според видливоста на случајот, ќе забележите, ќе видите, многу случаи не се пријавуваат. Во првичниот извештај, што сега го направивме, најмалку податоци имаме од здравство, лекарите не сакаат да пријавуваат, се плашат, мислат: „Ќе ме викаат после како сведок“. Во образованието, исто така, нема волја за пријавување на ваквите случаи со цел да не си го нарушат кредибилитетот на институцијата. Не ми е јасно како сите настани на насилство се случуваат надвор од оградата на училиштето, имаше такви настани, ама повеќето не се случиле во училишниот двор, туку надвор од него. 99,9 отсто од случаите се такви, што е последица на стравот да се признае дека се случил одреден настан заради кредбилитетот на самата институција, истакнува тој.
Нанев во интервјуто вели дека постои тенка линија меѓу малолетничката деликвенција и дете-жртва од причина што и самото дете во судир со законот и дете во ризик сами по себе се жртви како резултат на социјално-економски состојби во кои се нашле.
Анализите во Македонија покажуваат дека појавните облици низ кои се манифестира криминалното поведение на децата се изразува преку зголемување на имотниот и криминалитетот со насилнички елементи и намалување на старосната граница.
– Ова воедно значи потврда на теоретската поставка дека економските потешкотии и загрозеност на поголем број граѓани се одразуваат врз нивното криминално поведение, особено врз зголемување на имотниот и насилничкиот криминалитет, вели Нанев,
Малолетничкиот криминал пет години наназад бележи тренд на стагнирање, притоа 60 отсто од кривичните дела што ги извршиле децата во судир со законот е делото „тешка кражба“.
Во рамки на делата проследени со елементи на насилство, загрижува се почестата употреба на огнено и ладно оружје, што често пати го употребувале на јавни места, како што се училишта, автобуси, постојки.
Семејството, училиштето, медиумите се некои од факторите кои влијаат врз девијатното однесување на децата и нивно навлегување во криминалните води.
– Донесени се голем број на документи за уредување на телевизиските и радио програми, кои покрај останатото ги регулираат и принципите на заштита на децата во медиумското известување. Меѓутоа нашите медиуми многу често ги кршат наведените принципи, вели Нанев во интервјуто за МИА, кое интегрално ќе биде објавено утре.