Фото: Игор Бансколиев

ВО ЕВРОПА РАСТЕ ШИРЕЊЕТО НА КОРОНАВИРУСОТ

Македонија сѐ уште се наоѓа на листата на нискоризични држави по бројот на заразени од коронавирус, без ниту еден смртен случај. Истовремено, пак, ние сме на листата на држави што преземаат мерки за безбедност како за држави од висок ризик. На светската мапа каде што е поставена листата на земјите со висок, среден и низок ризик, со само седум регистрирани случаи Македонија е на дното од 119 држави во светот каде што е регистриран вирусот. На врвот се Кина, Италија, Иран, Јужна Кореја и Шпанија.
Во текот на вчерашниот ден, до затворањето на весникот, во Македонија немаше нови позитивни потврдени случаи на коронавирус. Седумте случаи, како што посочи министерот за здравство Венко Филипче, се во стабилна состојба, едната пациентка е негативна на коронавирусот и во следниот период ќе се пушти на домашно лекување.

– Се тестираат 12 пациенти, двајца на Клиниката, кои имале знаци за грип, а и двајцата патувале во Италија и дошле овде пред пет дена. Осум други лица од Дебар, кои се соседи на двајцата сопружници, а кои биле во интензивни контакти со нив, исто така, се тестираат. Се тестираат уште двајца, едниот е од Кочани и е со знаци за грип, кој бил во Италија и уште еден пациент од Прилеп. Сите тестови се работат во исто време, за два часа сите резултати ќе бидат готови и ќе информираме – посочи Филипче.
Според него, во моментот не е можно затворање на граничните премини, зашто полицајците ја спроведуваат солидно работата со прашалникот.

– Засега нема целосно затворање на границите, а и за тоа немаме ниту препорака од Светската здравствена организација. Ќе имаме состанок со директорите на сите клиники, на кој ќе утврдиме дали неитните пациенти може да се презакажат откако ќе заврши важењето на овие мерки. Ако има потреба ќе контактирам и со матичните лекари, за да се обезбеди што им е потребно, маски ракавици, средства за дезинфекција – додаде министерот.

Според него, од работа треба да бидат ослободени и лицата со хронични респираторни заболувања, тешки кардиоваскуларни, со малигни заболувања, со дијабетес тип 1, други имунокомпромотирачки состојби, како и бремените жени.
Посочи и дека ќе предложи мерка здравствените работници во следните две недели да ги откажат и приватните патувања, поради тоа што многу е непредвидливо дали некоја од земјите во многу кратко време може да влезе во земја со висок ризик.


Шведска енигма на автохтона зараза

Интересен случај на двајца заразени пациенти од коронавирус во Шведска ја вознемири тамошната јавност. Станува збор за два случаја позитивни на коронавирус, кои се дефинираат како автохтони. Тоа значи дека засега причината за нивното заразување е непозната, бидејќи тие ниту се поврзани, ниту, пак, патувале во некоја од ризичните земји. Ова се ретки случаи каде што вирусот е добиен без јасна линија на поврзаност. Јавноста во Шведска е во паника, а институциите вршат анализи за да можат да го детектираат причинителот на заразата за овие двајца пациенти.


Вакцина вредна две милијарди долари

Додека светот се соочува со САРС-ков-2, новиот коронавирус што ја предизвикува болеста ковид-19, паралелно се работи на создавање вакцина. Клучниот играч во трката за вакцина се наоѓа во Норвешка, а тоа е Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност (ЦЕПИ) со седиште во Осло, која е партнерство на влади, индустрија и добротворни организации и која наедно беше креирана пред три години за борба против новите болести што се закануваат по светското здравје. ЦЕПИ веќе спонзорира четири проекти за вакцина против ковид-19.

Трката започна кратко откако кинеските научници ја претставија геномската секвенца на САРС-ков-2 на 10 јануари годинава. Истражувачите во САД во лабораторијата „Модерна“ во Масачусетс почнаа да развиваат „вакцина од нуклеинска киселина“. Вакцината содржи генетички рецепт за човечки приматели за самото тело да создава антигени, а во овој случај хибридни протеини. Овие антигени потоа го поттикнуваат имунолошкиот систем да создава антитела што ќе го блокираат вирусот. До 7 февруари, научниците од „Модерна“ произведоа десетина дози клиничка вакцина подготвена за тестирање. Тимот спонзориран од ЦЕПИ во Австралија, исто така, користи „клинест протеин“ на надворешната обвивка на вирусот. Вирусниот клинест протеин претставува клуч што ја „отвора вратата“ за пристап до клетките на човекот домаќин. Научниците од Универзитетот во Квинсленд користат технологија на „молекуларни врски“ за да ги задржат хибридните протеини во форма што антителата ја препознаваат.

– Навистина итно се работи на вакцината, затоа што заканата со која се соочуваме е досега невидена во изминатите 100 години, според брзината и можната сериозност – вели д-р Ричард Хачет, извршен директор на ЦЕПИ.
Хачет проценува дека развојот на вакцина против ковид-19 ќе чини околу две милијарди долари во следните 12 до 18 месеци.

Владата во мобилна состојба и постојано заседание поради
новонастанатата состојба со вирусот