„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВО МОСКВА

Милко Живковиќ,
наш специјален известувач од Москва

Случувањата во Македонија и во регионот речиси воопшто и да не се следат. Никој од жителите на Москва со кои разговаравме не е во тек со актуелните настани во Македонија, не знае за Преспанскиот договор, ниту за претстојниот прием на државата во НАТО. Прва асоцијација на повозрасните московјани за Балканот, пак, се летните одмори во Црна Гора и во Хрватска, додека помладите генерации го идентификуваат ова подрачје со крвавите војни во поранешна Југославија

Русија има доволно сопствени проблеми и сериозни прашања што ја мачат за да обрнува внимание на случувањата надвор од неа, за кои руските државјани безмалку воопшто и да не се интересираат. Главна тема за Русите претставува Владимир Путин и можноста за негов реизбор, а актуелни се и прашањата за економијата, образованието и за корупцијата. Најголемо внимание во руската јавност, сепак, привлекува прашањето дали Владимир Путин ќе остане претседател по сегашниот мандат, кој му завршува во 2024 година. Тоа е негов втор последователен мандат, по кој, според рускиот устав, Путин нема право повторно да се кандидира за функцијата. Токму ваквата состојба предизвикува разни шпекулации за идните чекори на рускиот лидер.

– Најважна тема за Русите е дали Владимир Путин ќе остане претседател по завршувањето на тековниот мандат. Моментно се расправа за менување на Уставот што би овозможило тој да добие и трет последователен мандат. Луѓето се прашуваат дали Путин ќе се кандидира повторно, или што би се случило кога би ја напуштил функцијата. Јас, сепак, мислам дека ништо нема да се смени. Верувам дека тој ќе остане претседател. А во случај да се откаже од кандидатурата, сигурно би имал влијание и по напуштањето на функцијата, додека неговиот евентуален наследник би ја продолжил истата политика – вели повозрасен господин во едно московско кафуле.
Неодамнешниот протест на опозицијата во Москва, која бара одржување фер локални избори, уште е актуелен во јавноста. Лидерот на опозицијата, Алексеј Навални, беше уапсен по протестот одржан во саботата.

– Полицијата ја стави под контрола ситуацијата со протестите, па одредени луѓе го сменија мислењето, откажувајќи се од намерата да протестираат. Ова е актуелно прашање, иако сега изгледа како протестите воопшто да не се случиле – вели накратко еден минувач на Црвениот плоштад.

Економската ситуација, исто така претставува важно прашање за Русите поради нееднаквостите помеѓу различните општествени слоеви, исчезнувањето на средната класа, корупцијата и неможноста за добивање соодветно образование за сите граѓани, кое би им овозможило наоѓање подобра работа.
– Многумина луѓе не се во можност да стекнат квалитетно образование, да учат англиски, за да ги добијат потребните квалификации што би им овозможиле добро платена работа. Забележлива е голема разлика помеѓу богатите и просечните граѓани. Средната класа веќе не постои. Корупцијата е сериозен проблем застапен на повеќе нивоа во општеството, па, така, тој е забележлив во секојдневниот живот. Одредени луѓе живеат убаво и не им е гајле за обичниот народ – констатира Марија, која студира во Москва.

Значителен дел Руси се гордеат со, како што велат, активната вклученост на нивната земја во глобалните прашања, сметајќи дека на тој начин Русија покажува оти е водечка светска велесила.
– Повеќето Руси се насочени кон домашните случувања. Но значителен дел од населението со поизразени патриотски чувства се гордее со надворешната политика на Русија, сметајќи дека државата докажува оти е водечка светска велесила кога активно се вклучува во светските прашања, поврзани со ситуацијата во Сирија или, на пример, во Венецуела, Може да се каже дека во тек е нова студена војна за стекнување влијание во глобални рамки – коментираат московјани додека чекаа превоз во московското метро.


Диоптрија на луксузот

Шетајќи низ центарот на Москва можат да се забележат голем број луксузни продавници и трговски центри исполнети со скапи брендови, како и присуството на големите странски корпорации, со што се стекнува впечаток дека глобализацијата во целост ја зафатила и Русија. Но Русите сметаат дека станува збор за лажна слика.
– Глобализацијата не успева во целост во Русија, иако на изглед се стекнува таков впечаток. Русија сѐ уште е затворена, присуството на големите странски корпорации и скапите брендови во продавниците не треба да залажува. Тоа е еден вид илузија. Уште се провлекуваат методи од стариот комунистички систем, што се забележува во функционирањето на државата и во секојдневниот живот – објаснува момче на дваесетина години, кое додаде дека се образовало во Канада, со што имало можност да ја запознае подобро „другата страна“, односно Западот.


Прва асоцијација за Балканот летните одмори или крвавите војни

Речиси никој од жителите на Москва не е во тек со актуелните настани во Македонија, не знае за Преспанскиот договор, ниту за претстојниот прием на државата во НАТО. Прва асоцијација на повозрасните московјани за Балканот се летните одмори во Црна Гора и во Хрватска, додека помладите генерации го идентификуваат ова подрачје со крвавите војни во поранешна Југославија.

– Тука е познато дека Балканот се угледува на Русија и смета на нејзината помош. Луѓето понекогаш разговараат за тамошната ситуација, најчесто сеќавајќи се на војните во поранешна Југославија. Но навистина не можам да се сетам кога последен пат сум слушнал вест за Македонија. Не знам што се случува таму – посочи еден 30-годишен Русин, кој работи во хотел во Москва.

Неинформираноста на Русите за актуелните настани во југоисточниот дел на Европа се должи и на слабата застапеност на регионот во руските медиуми.
– Поврзаноста низ историјата звучи убаво, но кога ќе погледнете на мапата гледате дека Балканот е премало подрачје за руските медиуми да покажат особен интерес за тамошните случувања. Никој не известува за Балканот, па Русите не се во можност да дознаат што се случува – е заедничката оцена на неколку руски новинари со кои разговаравме.

[email protected]