Непосредно пред Илинденското востание, во мај 1903 година беше објавена статијата под наслов „Македонското прашање и словенскиот печат“ од С. С. Бобчев во „Словенски глас“, орган на Словенското добротворно друштво. Во неа авторот на многу едноставен начин ги образложува принципите на Македонците и нивната кауза.
Анализирајќи ја актуелната состојба, Бобчев вели дека никогаш досега Македонците немале поголема потреба од сочуство кон нивните потреби и болки, истакнувајќи: „Македонија е во огин, Македонија гине“.
Авторот бил многу добро запознаен со политичките потреби на македонскиот народ и затоа вели дека: „Македонецот бара да биде господар на сопствениот труд, стопанин на сопствената куќа, татко на сопствените деца, полноправен граѓанин, како и другите жители на Турција од турското племе; со други зборови бара еднакви права како човек и граѓанин на една држава на која и плаќа данок…“
Бобчев како приврзаник на автономниот принцип вели дека Македонија треба да стане автономна, самостојна област со месна самоуправа кои ќе бидат гаранција за еднакво суштетсвување на сите етнички елементи.