На 1 септември престижната Европска Академија (Academia Europea, Academy of Europe) го доби својот прв научник од нашата држава. Станува збор за професорот Зоран Т. Поповски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Academia Europea (Academy of Europe – АЕ) e паневропска асоцијација на научници од земјите – членки на Советот на Европа основана во 1988 година со седиште во Лондон. Во неа активно членуваат околу 3800 научници, од кои скоро една третина се од земји надвор од Европа и тоа воглавно од: САД, Русија, Јапонија, Кина, Индија, Канада, Австралија и др. Мисијата на АЕ е да ја шири извонредноста во сите дисциплини во природните, егзактните, општествените и хуманистичките науки преку унапредувањето на стандардите во науката и високото образование. Во моментот, членови на АЕ се и 72 добитници на Нобеловата награда. Од земјите во регионот, Словенија има 18 членови, Србија 16, Хрватска 15, а Босна и Херцеговина и Црна Гора по еден.
Процедурата за избор на член на АЕ е објективна и строга, а изборот на новите членови е заснован исклучиво на придонесот кој го има кандидатот во одредена научна дисциплина. Професорот Поповски кој освен на Факултетот за земјоделски науки и храна каде што е вработен, предава/л и на Технолошко-металуршкиот факултет, Природно-математичкиот и Фармацевтскиот факултет на УКИМ.
Освен на УКИМ, д-р Зоран Т. Поповски е визитинг професор на Државниот универзитет Охајо во САД, Лунд Универзитетот во Шведска, Туша Универзитетот во Италија, Новосибирскиот државен земјоделски универзитет во Русија, Универзитетот во Сараево во Босна и Херцеговина. Својот научен пат го започнал уште како студент со организирање на истражувачки кампови, а првиот научен ангажман пред 30 години го имал во Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“ при МАНУ. Во еден мандат бил државен секретар во Министерството за образование и наука, бил член на Научниот комитет на НАТО, а од 2017 година е член на Одборот на директори на СОЅТ како прв претставник надвор од ЕУ, која е најголемата научна мрежа во Европа.