Додека кризата помеѓу нашите два стратегиски партнера се продлабочува
Низ годините заемните односи меѓу САД и Турција имале и подеми и падови, почнувајќи од многубројните турски воени преврати за време на Студената војна, па до одбивањето на Анкара да им дозволи на американските трупи да ја користат нејзината територија во предвечерието на инвазијата на Ирак во 2003 година. И покрај сето тоа, постоела една нишка на разбирање доволна за одржување на каналите за коректна меѓусебна комуникација. Денес разидувањата се како никогаш досега. Но бидејќи токму овие две земји ѝ се единствени стратегиски партнери на
Македонија, потенцијалот за негативно влијание од толку сериозно нарушените
релации меѓу САД и Турција врз Македонија, според експертите, е огромен
Какви се моменталните односи?
Невообичаена работа е кога една држава-членка на НАТО ја санкционира Владата на друга членка поради несогласување. Но, токму тоа ѝ го направија САД на Турција. На почетокот на месецов, администрацијата на Трамп објави дека турските министри за правда и внатрешни работи ќе бидат исклучени од американските банки и ќе добијат забрана за бизнис со Американци. Сето тоа е поради проблемот со Ендру Брунсон, пасторот што беше уапсен во октомври 2016 година во Турција и обвинет за заговор против владата на Ердоган.
„Неправедниот притвор за пасторот Брунсон, како и постојаниот прогон од страна на турските власти се едноставно неприфатливи“, рече државниот секретар Стивен Мнучин во изјава за медиумите.
Во меѓувреме, САД и Турција традиционално имаат колегијален однос во врска со одбранбената стратегија. Турците беа примени во НАТО во 1952 година, за време на првиот бран пристапувања, делумно затоа што Вашингтон гледаше на Анкара како на антикомунистички бедем на критичниот дел од територијата што ги поврзува Европа и Азија. Нивниот заемен однос доживеа разни спорови и горливи испади од многубројните турски воени преврати за време на Студената војна, па сѐ до одбивањето на Анкара да им дозволи на американските трупи да ја користат нејзината територија во предвечерието на инвазијата на Ирак во 2003 година. Но и покрај повремените разидувања, постоеше едно основно разбирање дека е добро и за двете страни ако американските и турските власти одржуваат солидни работни односи.
Денешните разидувања се далеку позаострени. Освен апсењето и судењето на пасторот Брунсон и консолидацијата на моќта на Ердоган по обидот за негово симнување во 2016 година, односите на релацијата САД – Турција трпат постојани неуспеси откако сириските антирежимски протести се изродија во граѓанска војна.
Според Ердоган, Американците (најпрвин под водство на Барак Обама, а сега на Доналд Трамп) очекуваат Турција слепо да ги следи нивните наредби. Наедно, според Ердоган, тие ги штитат и спонзорираат насилниците над Турција. Антиамериканизмот созреа во турската политика делумно поради разгорувачките изјави на Ердоган, кој го искористи надоаѓачкиот хипернационализам како своја политичка предност. Анкара смета дека САД имаат екстремно лоши процени и решенија во Сирија, како во раните години на војната – кога Ердоган вршеше притисок САД да воведат зона за забранети летови за бунтовниците против Асад – така и во продолжението на конфликтот, кога Вашингтон почна да соработува со сириските курдски војници (кои за Турците се терористи), да ги вооружува и да им обезбедува воздушна поддршка.
А тука е и Фетулах Ѓулен, прогонетиот свештеник стациониран во Пенсилванија, кого Ердоган го обвини за главен водач на обидот за државен удар. Ердоган побара негова екстрадиција, но неговото барање Вашингтон го одби веќе неколкупати.
Според перцепцијата на Вашингтон, Турците не се однесуваат како нивен НАТО-сојузник. Наместо да се борат против тероризмот, властите во Турција беа слепи за европските џихадисти, кои слетуваа на турските аеродроми и ја преминуваа турско-сириската граница, одејќи да им се приклучат на Исламската држава или Ал каеда. Наместо да го бомбардира ИСИС, турската војска реши да ја забави кампањата против ИСИС со бомбардирање на сириските курдски борци на север.
Не толку одамна, турските власти се закануваа дека ќе ги расчистат курдските милитанти од сирискиот град Манбиј, дури и ако тоа доведе до оружен конфликт со американските трупи за специјални операции во таа област. За среќа, преовладаа ладните глави, кога државниот секретар Мајк Помпео и турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу постигнаа договор да ги разменат курдските војници и цивилните службеници со Арапите, кои всушност и живееја таму. Но беа потребни месеци и месеци, во кои се одеше напред-назад, како и купишта жестока реторика за да се стигне до решение.
Американскиот Конгрес одамна го изгуби трпението во однос на однесувањето на Ердоган. Како додаток на санкциите, кои неделава ги воведе поради затворањето на Брунсон, Конгресот го усвои годишниот предлог-закон за одбрана, кој вклучува одредба за спречување трансфер на авионите „ф-35“ кон Турција, сѐ додека не се направи целосна процена на одбранбените релации помеѓу двете земји. Турците, како по обичај, збеснаа поради ова.
Овие интеракции не се какви што би требало да бидат интеракциите помеѓу два НАТО-сојузника, посветени на меѓусебната одбрана за време на можен напад. Напротив, тие претставуваат кулминација на една врска што е нагризена од две дијаметрално различни групи национални интереси. Америка сака искоренување на ИСИС, Турците сакаат искоренување на борците што се борат против ИСИС на бојното поле.
Вашингтон сака Турција да ги ослободи Американците што ги држи во притвор, а Анкара сака Американците да престанат да го штитат човекот што таа го смета за предавник. Пентагон инсистира Ердоган да ја откаже набавката на рускиот систем за противвоздушна одбрана „С-400“, а во меѓувреме Ердоган и неговите министри очекуваат испорака на борбените авиони „ф-35“, за кои веќе ѝ платија на Америка. САД бараат од сите увозници на иранската сурова нафта да запрат со нарачките до ноември, додека турската влада, гладна за ресурси, ги отфрла барањава како нелегален ултиматум, спротивен на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
Ако и постои некаква согласност помеѓу овие две земји, тоа е заедничкото сознание дека нивните заемни односи се движат во лоша насока.
Засега Анкара останува членка на НАТО, со сите привилегии што ги овозможува членувањето во таа организација. Но развојот на настаните во меѓусебните односи со САД ја одвлекуваат земјата сѐ подалеку од трансатлантската заедница. Не постои некоја појасна слика за тоа што може НАТО да стори во врска со ситуацијава, ниту пак најава кој потег ќе го повлече претседателот Ердоган во врска со ова.
Меѓу чеканот и наковалната
Надвор од контекстот на спорот помеѓу САД и Турција, но секако поврзано со нашата земја, е куриозитетот што Република Македонија токму со овие две земји има потпишано специјален договор за стратегиско партнерство, кое треба да се аплицира на повеќе полиња на соработка. Ако работите тргнат во несакана насока на релацијата Вашингтон – Анкара, зарем Македонија повторно ќе се наоѓа меѓу чеканот и наковалната? Многу е важно за Македонија што побргу да се консолидира состојбата меѓу Турција и САД и да се подобрат дипломатските релации меѓу двата наши најголеми стратегиски партнера, во пресрет на скорешната можност за членство на земјата во НАТО како и во однос на тежишните безбедносни прашања поврзани со мигрантската, односно бегалската криза и заканите од тероризмот. Ова е сублимиран заклучок на безбедносните експерти со кои се консултиравме по актуелните случувања, кои се одиграа периодов на релацијата Анкара – Вашингтон.
Универзитетскиот професор Нано Ружин вели дека од безбедносен, економски па дури и од геополитички агол од исклучително голема важност за Македонија, за регионот па дури и за светот е што поскоро да се нормализираат релациите меѓу САД и Турција. Професорот е убеден дека овие тензии е можно да се надминат наскоро имајќи ги предвид историски добрите релации на државите како и нивното „заедничко воено марширање“, кои влече корени по Втората светска војна односно кога САД го презеде кормилото за насочување на Западот од рацете на Британија, Германија и Франција.
Ружин додава дека, сепак, работите треба да бидат надминати пред сѐ поради фактот дека актуелните тензии на Турција и САД можат многу бргу географски да се дислоцираат и битно да влијаат врз кревката безбедносна состојба на Западен Балкан.
– И двете земји имаат големо економско, политичко и културно влијание врз нашиот дел во светот и во согласност со тоа тие на Балканот ги градат и ги спроведуваат своите интереси тука – вели Ружин.
Професорот вели дека е евидентно нарушувањето на релациите на двете земји, па во моментов Вашингтон паралелно работи на подобрување на врските со Анкара, но истовремено и гради механизми за стопирање на турското влијание на Балканот. Како една од причините за овие мотиви се нарушените релации меѓу Грција и Турција за кои САД со години преку политичко посредување не може да го најде вистинскиот лек.
– Токму затоа верувам дека една од неколкуте причини за надминување на проблемот меѓу Турција и Грција е и американското силно поддржување на спогодбата меѓу Скопје и Атина за нашето име, со кој нашиот јужен сосед од стратегиска гледна точка би ја избришал од постоење несигурноста на нивните северни граници – вели Ружин.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски смета дека тензиите меѓу овие две суперсили ќе останат на меѓународно поле сѐ додека и Вашингтон и Анкара не најдат заеднички јазик, односно сѐ додека администрациите на Ердоган и на Трамп не стават точка на нивниот конфликт.
– Со други зборови, тоа ќе биде така сѐ додека не дојде до промена на власта на политичките гарнитури на двете земји, а јас лично прогнозирам дека конфликтот, кој не се подразбира во воена смисла на зборот, ќе биде присутен уште најмалку една деценија. Тоа го тврдам бидејќи САД тешко ја менуваат својата надворешна политика кон некоја конкретна земја и поради фактот дека Ердоган ужива огромен рејтинг во својата земја – вели Стефаноски.
Аналитичарот, од друга страна, не верува дека судирот на интересите меѓу двете земји може негативно безбедносно да влијае врз Македонија.
– Тоа го тврдам пред сѐ поради фактот дека и САД и Вашингтон се нашите најсилни лобисти за членство во НАТО. Дополнително, истовремено и затоа што овие земји се и наши воени партнери што најмногу помагаат во зацврстување на македонската војска со опрема и знаење и истовремено тие заедно дејствуваат на меѓународно поле во борба со терористичките организации, кои функционираат на Блискиот Исток на фронтовите во Сирија и во Ирак – вели Стефаноски.
Американската војска го објави па го тргна видеото со „северномакедонските војници“
Американската армија во Европа од својот официјален канал на Јутјуб го тргна видеото со „северномакедонските војници“ на кое пишуваше дека е снимено од вежбите на воениот полигон Криволак, каде што американски војници вежбале заедно со „северномакедонските војници во Северна Македонија“.
За потсетување, на официјалниот јутјуб-канал на американската армија во Европа во понеделникот беше објавена информацијата дека на воените вежби на воениот полигон Криволак војската на САД работи на подобрување на интероперабилноста со северномакедонските војници.
Ердоган: Нема да дозволиме да се менува името
Турција секогаш ќе биде на страната на Македонија затоа што Грција не е во право. Македонија секогаш ќе остане Македонија. Ова е изјавата на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган дадена годинава на јавна дебата, која ја пренесуваше Турската радио-телевизија.
На конференцијата организирана во клубот на иселениците од балканските простори, Ердоган порачал дека Турците и Македонците се браќа и дека Турција секогаш ќе стои зад Македонците.
– Тоа што сме го заборавиле во 1912 година сега можеме да го поправиме – рекол Ердоган според кого Грција ја блокира Македонија да влезе во НАТО поради името, но Турција секогаш ќе биде до Македонија и нема да дозволи да се менува името.
– За нас, Анкара и Скопје немаат никаква разлика и никогаш нема да ги оставиме нашите браќа сами, секогаш ќе сме со нив, и секогаш ќе им помагаме и стоиме зад нив – порачал турскиот премиер.