Ударите на камбаните и молитвите на оџите од џамиите, кои ги објавуваа тажните вести за загинатите и времето на погребот, за миг го нарушуваа тивкиот амбиент на градот, а минувачите меѓу себе тивко се распрашуваа за лицата што загинале кои се, кои им се родителите, блиските, што работат…
Предминатата ноќ беше тешка за цела Македонија, а вчерашниот ден беше уште потежок за гостиварци, а така ќе биде и во следните денови. Низ гостиварските улици ја немаше секојдневната раздвиженост. Полупразни улици, празни ресторани и кафулиња, понекој купувач во продавниците. Поздравот меѓу пријателите и роднините беше „Господ да им ги прости душите на загинатите, да им биде лесна земјата, а на повредените да им даде сила што побрзо да заздрават, да се вратат меѓу своите, меѓу секојдневните обврски, да ги надминат траумите што ги доживеаја“.
Ударите на камбаните и молитвите на оџите од џамиите, кои ги објавуваа тажните вести за загинатите и времето на погребот, за миг го нарушуваа тивкиот амбиент на градот, а минувачите меѓу себе тивко се распрашуваа за лицата што загинале, кои се, кои им се родителите, блиските, што работат… Тагата и болката беа присутни кај секој граѓанин на Гостивар. Најтешко им е на блиските родни, на пријателите, на другарите и другарките, на саканиот, на саканата. Жалат за неостварените желби и планови на загинатите, особено на големиот број млади луѓе, кои само што почнале да го живеат животот.
Во куќата на Митко и Соња Аврамовски, во гостиварското село Зубовце, од рани зори, околу 2 часот, кога беше донесено мртвото тело на Бобан, 22-годишен син единец, студент на Факултетот за дизајн и мултимедија, се слушаат само крикови на болка, офкање, сите се скршени од болка.
И во куќата и дворот на народниот пратеник Благојче Трпевски се слушаат крикови на болка за загинатиот 25-годишен син Јовица, кој во 2015 година, како одличен студент, веднаш бил вработен во „ЕВН Македонија“, инаку активен кошаркар на втората екипа на Гостивар.
Во домовите на сите загинати многу народ, одат да им изразат сочувство и да им дадат утеха во големата болка и тага.
Шефот на државата Ѓорге Иванов и претседателот на Владата, Зоран Заев, одделно посетија неколку семејства на загинатите, им изразија длабоко сочувство и им ветија дека ќе се ангажираат да се дознае причината за несреќата.
На новите гостиварски гробишта попладнето беше погребан 38-годишниот Зоран Давидовски, кој беше раководител на Секторот за сообраќај на градот Скопје. Секој ден со автобус патуваше на работа во Скопје и обратно.
Веста за тешката сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово брзо се рашири. Најблиските веднаш се упатија на местото на несреќата да им помогнат во извлекувањето од автобусот, а потоа ги бараа своите низ скопските болници, да ги видат, да слушнат добра вест, дека нивните се во добра здравствена состојба. Но имаше и такви што беа разочарани кога дознаа дека се меѓу загинатите и се наоѓаат во Институтот за судска медицина, каде што со тешка мака ја извршиле идентификацијата.