Парламентарниот спикер Талат Џафери најави дека летово ќе ги распише локалните избори, во согласност со законските рокови. Според Изборниот законик, редовни избори треба да бидат распишани во последните 90 дена од мандатот на актуелните градоначалници и советници, но не повеќе од 70 дена пред истекот на мандатот.
Според спикерот, на половина од градоначалниците четиригодишните мандати им биле потврдени околу 18 октомври 2017 година, а на оние што беа избрани во втор круг, кон почетокот на ноември 2017 година. Тоа значи дека на половина од градоначалниците и на речиси сите совети на општини мандатите би им истекле околу 18 октомври годинава.
Тоа, како што посочи Џафери, ќе влијае на одлуката во кој термин ќе се одржат изборите, во согласност со измените на Изборниот законик што беа донесени по средбата Зоран Заев – Христијан Мицкоски, со кои гласањето наместо во првата половина на октомври се помести за втората половина на октомври. Според тоа, 17 октомври е првиот можен термин за одржување на првиот круг од изборите, а последен е 31 октомври.