Лекот „Ивермектин“ од денеска ќе се продава во аптеките во Македонија, како што најави директорот на Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Љирим Шабани, во изјава за МИА. Лекот кој се користи за терапија на заболени од коронавирус ќе чини околу 300 денари и ќе се издава само со рецепт од матичен лекар или специјалист.
– Студиите покажаа дека „Ивермектинот“ се дава на три групи граѓани. На ризичните групи на работници кои имаат висок ризик да заболат, на луѓе, кои биле во контакт со заболен, како и на заболени пациенти. Има различни индикации кај трите групи и различно дозирање. Затоа е потребно давањето на лекот да биде под контрола на лекар – истакна министерот за здравство Венко Филипче минатата недела.
Од МАЛМЕД апелираа до граѓаните да не се лекуваат на своја рака и да не создаваат залихи дома.