Лекарската комора на Македонија најостро го осудува последниот инцидент во Клиничка болница во Тетово во кој, денес во претпладневните часови, родител на пациент нападна и со удари во главата повреди доктор на Одделението за дерматовенерологија. Комората ги повикува надлежните институции и одговорните лица да преземат конкретни мерки за да се спречат ваквите инциденти на физичко насилство над здравствените работници кои согласно законската регулатива на своите рабони места се службени лица.
– Комората има разбирање за здравствените проблеми на пациентите и со нивните блиски, но и во оваа ситуација јасно декларира дека осудува какво било насилство врз медицински персонал. Дотолку повеќе што медицинарите секојдневно се борат за животот на пациентите, посебно кога станува збор за пациенти кои се во сериозна и животозагрозувачка состојба. Комората укажува дека насилството во здравството, за жал, е многу почеста појава отколку што се зборува за неа и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот, здравствениот работник и здравствениот систем во целина – се вели во реакцијата на комората.
Лекарската комора апелира секој во рамки на своите ингеренции, да се вклучи во заштита од насилство врз здравствените работници и соработници, а особено на единствено безбедна средина во која се даваат здравствени услуги, гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите.
Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа, мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува, се вели во реакцијата.