Феноменот на ширење лажни вести го обележи целиот период во кој се одвиваа и сѐ уште се одвиваат исклучително битните процеси поврзани со постигнувањето и со обидите за спроведување на спогодбата од Мала Преспа. Лажните вести и нивното ширење, како алатка за манипулации, моделирање и насочување на јавното мислење, станаа реален проблем во овие исклучително чувствителни моменти за државата
Пред, за време, но и по референдумот македонската политичка сцена не престанува да биде место за пласирање лажни вести. Впрочем, феноменот на ширење лажни вести го обележи целиот период во кој се одвиваа и сѐ уште се одвиваат исклучително битните процеси поврзани со постигнувањето и со обидите за спроведување на спогодбата од Мала Преспа.
Лажните вести и нивното ширење, како алатка за манипулации, моделирање и насочување на јавното мислење, станаа реален проблем во овие исклучително чувствителни моменти за државата.
Хронолошки гледано наназад најсвежиот пример за лажна вест стигна еден ден по референдумот кога преку некои медиуми и социјалните мрежи се прошири информацијата дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, поднел писмена оставка до премиерот Зоран Заев.
Веднаш потоа се огласи и МНР и преку соопштение најостро ги осуди, како што наведува, малициозните обиди за ширење лажни вести и децидно ја демантира информацијата.
– Министерот за надворешни работи на Република Македонија, како и досега, така и понатаму, ќе продолжи посветено да работи на европската и на евроатлантската иднина на земјата, со цврста верба во решителноста и јасно изразената мнозинска волја на вчерашниот референдум. Во овие клучни времиња за Република Македонија, најмногу од сѐ се потребни мудрост, разум и храброст за преземање одлучни чекори за конечно обезбедување иднина за нашите граѓани – стоеше во демантот.
Преку својата фејсбук-страница реагираше и министерот Димитров истакнувајќи дека некои центри почнале специјална војна против него.
– Не им доаѓа ум. Специјална војна почна. Значи, како што вели Виктор Иго, нема ништо посилно од една идеја на која ѝ дошло времето. Ќе ни ја биде нашата Македонија! И не дигам раце додека не ни ја биде – напиша Димитров на Фејсбук.
И претходно, за време на предреферендумскиот молк, беше регистриран сличен пример, за кој тогаш реагираше опозициската партија. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на прес-конференција објави дека се шират дезинформации и се испраќаат СМС и преку телефонски разговори се потсетуваат граѓаните да излезат на референдумското изјаснување. Овие случувања во Македонија поврзани со лажните вести и со референдумот беа тема на пишување на странскиот печат. Британскиот весник „Гардијан“ во свој осврт на резултатите по референдумот истакнува дека постојат сомневања оти слабиот одзив се должел на странско влијание. Според весникот, интересно за анализирање во земјата, освен резултатите од овој референдум се и резултатите од претседателските избори во 2016 година кога наводно биле користени дезинформациски кампањи и „лажни вести“, како и сајбер-напади и хакирања, придружени со големи активности на лажни профили на Фејсбук и на Твитер.
Токму поради големиот интензитет на случувањата поврзани со лажните вести, Владата пред референдумот најави дека ќе се бори против овој феномен. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, неколкупати јавно истакна дека Владата ќе преземе мерки во насока на заштита на граѓаните од лажни вести и дезинформации, преку објави на социјалните мрежи, за време на претстојниот период. Секоја вест, како што најави портпаролот на прес-конференцијата, која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или, пак, полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и, како што појасни тој, ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата. Владиниот портпарол во своето последно обраќање на оваа тема ги повика граѓаните да ги примаат сите вести со внимание, да ги анализираат изворите од кои доаѓаат информациите и да прават двојна проверка на секоја вест што им изгледа невообичаена или сензационална.