Наездата од крлежи во шумите и ливадите поради топлото и влажно време, не претставува голема опасност за човекот, доколку крлежот не е заразен со некоја бактерија или инфекција

Со покачувањето на температурите се зголемува и активноста на крлежите, кои пренесуваат разни инфективни заболувања. Наездата од крлежи во шумите и ливадите поради топлото и влажно време, не претставува голема опасност за човекот, доколку крлежот не е заразен со некоја бактерија или инфекција. Епидемиолозите апелираат при излегувањето во природата да се носи облека со долги ракави, која ги покрива сите делови од кожата, за да се заштитиме од убоди на крлежи.

– Сезоната на крлежи е започната. Обилните врнежи дополнително создаваат тревата да порасне, а со тоа полесен е пристапот на крлежите до домаќинот. Доколку крлежот не е заразен со инфекција или бактерија нема опасност – вели епидемиологот д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.

Д-р Караџовски истакна дека состојбата сепак не е алармантна.
– За човекот густите шуми не се природно живеалиште, а со нашите посети на ливадите, човекот само ги малтретира цицачите и тие за да се заштитат од нас нè напаѓаат. Крлежите најчесто се удомуваат на топло место најчесто под лактите, пазувите, препоните, каде што наидуваат на топли предели на човечката кожа – вели д-р Караџовски.

Докторот апелира при прошетките во природа сосема да се покријат деловите од кожата, а доколку дојде до убод да се јават во најблиската амбуланта.


Митови и вистини за крлежите

Мит – крлежите може да ве нападнат вас и вашето милениче скокајќи или паѓајќи од дрво
Вистина – за разлика од болвите, крлежите не можат да скокаат. Тие ги наоѓаат своите домаќини со ползење, често се качуваат на трева од каде што можат да го дофатат домаќинот. Качувањето на дрвјата, всушност, ќе ги одведе подалеку од луѓето, токму затоа крлежите најчесто можат да се најдат во лисјата и тревата.

Мит – секогаш се чувствува кога ќе добиете убод од крлеж
Вистина – за жал, нема да почувствувате кога ќе ве убоде крлеж, бидејќи крлежите се адаптирани да останат прикачени на своите домаќини одредено време, за разлика од коњските муви, чиј убод е болен или, пак, на комарците, чиј убод веднаш почнува да ве чеша. Затоа стриктно се препорачува да се проверите себеси, вашето семејство и миленичето, откако ќе посетите предели каде што најчесто има крлежи.

Мит – домашните лекови се речиси исто ефективни дури и подобри при отстранување на крлежите
Вистина – многупати домашните лекови се покажале како опасни. Употребата на кибрит, за да се отстрани крлежот, може да предизвика изгореници. Исто така, доколку го прекриете местото со лак за нокти нема да има ефект. Во двата случаја, со намера да го извадите крлежот вие само го плашите, а притоа крлежот ќе поврати, а тоа само ќе ја зголеми можноста за инфекција.

Мит – опасно е доколку главата на крлежот остане прикачена поткожно
Вистина – секогаш е најдобро крлежот да се отстрани целосно. Сепак, крлежите се мошне ситни и е потешко да се справите со нив, па затоа многу лесно може главата од крлежот да остане внатре во кожата. За среќа, бактеријата што предизвикува инфекции живее во цревата на крлежот и се потребни 24 часа за да се пренесе болеста. Доколку не го извадите целосно крлежот од кожата не треба да бидете премногу загрижени бидејќи вашето тело на природен начин ќе се ослободи од него.

Мит – крлежите претставуваат опасност само во лето
Вистина – иако вие и вашето милениче полесно може да ги добиете крлежите за време на летото, климатските промени и пеколните жештини придонесуваат тоа да може да се случи и многу порано. Некои крлежи ја преживуваат зимата и активно растат додека се во зимски сон, што може да предизвика ризик во вашиот топол дом. На пример, крлежите ги има во домот на дрвата наменети за горење во грејната сезона. Некои зрели (возрасни) крлежи, кои пренесуваат лајмска болест, можат да преживеат во текот на целата година.

[email protected]