Неодамнешниот случај кога вработен во „Комунална хигиена“ собраниот смет го фрли од мост во Вардар, по што доби отказ од работа, предизвика поделени реакции на социјалните мрежи. Додека едни ја поддржаа ваквата одлука на јавното претпријатие, други сметаат дека постојат луѓе што направиле многу поголеми штети… Дали „сметот од мост во Вардар“ е некаква порака до сите нас дека времето не е она што ги менува нештата, туку дека всушност самите мораме да ги менуваме нештата?!

Случајот со демонстративното јавно фрлање смет во Вардар во центарот на нашиот главен град, кога вработен во „Комунална хигиена“ собраниот смет го фрли од мост во Вардар, по што доби отказ од работа, предизвика низа полемики не само од еколошки туку од многу подлабок општествено-социолошки аспект.

Големиот американски новелист Деан Кунц сигурно би поентирал за споменатиов случај, а имено дека „во гените на сите нас ни е да се извлечеме од одговорноста, дека единствен начин да напредуваме на овој свет е да се бориме со природната ни склоност да бидеме неодговорни и најпосле дека во нашата неодговорност е коренот на секое зло“, така со фрлањето на сметот низ Вардар всушност е сликовито прикажано „ослободувањето од одговорноста“ на сите нас.

НЕОДГОВОРНОСТА ПРИСУТНА ОД СЕДУМ ДО СЕДУМДЕСЕТ И СЕДУМ

Почнувајќи од политичарите, преку бизнисмените, правниците, судиите, професорите, работниците, па дури и децата во училиштата, во добар дел сите на некој начин се обидуваат да фатат кривина и да го заобиколат системот.
Токму од тие причини во државата имаме градови рекордери по нехигиена и загаден воздух, политичари со низок морал, бизнисмени на кои профитот им е поважен од заштитата на природната средина, како и ученици со потпросечно знаење.
Неодамнешниот случај кога вработен во „Комунална хигиена“ собраниот смет го фрли од мост во Вардар, по што доби отказ од работа, предизвика поделени реакции на социјалните мрежи. Додека едни ја поддржаа ваквата одлука на јавното претпријатие, други сметаат дека постојат луѓе што направиле многу поголеми штети, па не добиле никаква казна.

Последните обелоденети афери со случаите на непотизам во власта, на неморално однесување на пратениците, како и најновиот скандал со протекувањето тендерски податоци од Министерството за информатичко општество и администрација, само го вклучија алармот за неодговорноста на сите, па повиците на премиерот тие луѓе да се повлечат од функциите се само мал чекор кон една покрупна реформа што треба да се случи, реформа на општествената свест.

– Македонските граѓани се некаков чуден феномен. Кога се во својата земја не се грижат за ништо. Фрлаат смет каде што ќе стигнат, палат огнови иако тоа е забрането, градат без градежни дозволи, возат без возачки дозволи… Истите тие, кога ќе отидат во странство, внимаваат каде го фрлаат догорчето, каде поминуваат улица, а доколку работат таму, тогаш дисциплинирано се однесуваат и на работното место – вели Васе Стојановски, приватен стопанственик.

Тој додава дека така се однесува целото општество, вклучувајќи ги и луѓето што се занимаваат со политика.
– Изминативе 30 години имавме еден куп афери, а тие што добија казни можат да се избројат на прсти. Ако конечно не почне да функционира системот на казнување за сите што направиле прекршок, без оглед на позицијата, тогаш тешко дека ќе ги достигнеме европските вредности – додава Стојановски.

КАДЕ СЕ КОРЕНИТЕ ЗА „УЧЕЊЕТО“

Социолозите и аналитичарите сметаат дека корените за ваквата состојба во општеството се многу подлабоки и дека е потребно да постојат казни, но тие да се соодветни на нашиот стандард и да важат за сите.

– Корените на ваквата состојба се многу подлабоки. Ние сега се наоѓаме во аномична состојба, односно состојба во која не се почитуваат никакви норми, закони, правила… И кога ќе влеземе во една таква состојба, неминовно е да дојдеме и до политичката елита, на власта и на опозицијата. Во една таква ситуација како би реагирал обичниот човек? Тој ќе си рече, зошто јас да внимавам што правам, кога сите околу мене прават што сакаат. Токму таа состојба сега го доживува врвот во Македонија – смета Илија Ацевски, социолог.

Според него, голем проблем станува тоа што мнозинството мисли дека ваквата состојба е нормална.

– Еден човек фрлил ѓубре во Вардар и веднаш добил отказ. Веста сега брзо се шири преку социјалните мрежи и се отвора дискусија зошто тој добил отказ, а други минуваат неказнето. Тоа кај обичниот човек создава една голема збрка. Ние сме школски пример за аномична состојба, а главен проблем е што сметаме дека таквата состојба е нормална – вели Ацевски.

Тој додава дека добро би било земјава да почне преговори со ЕУ и на некој начин странците да нè натераат да почнеме да ги подобруваме работите.

САМО СО КАЗНИ СЕ УЧИ?!

За поранешниот дипломат Ристо Никовски мора да постојат казни, бидејќи ние сме недисциплинирани како луѓе.

– Впечаток е дека новата власт намали одредени казни, што беше позитивен потег. Ние сме недисциплинирани како луѓе и казните секако се потребни, но претходно тие беа драконски и често беа контрапродуктивни. Се чинеше дека честопати, особено во сообраќајот, и непотребно се казнуваше само за да се соберат пари од надлежното министерство. Казни мора да има, и треба да бидат соодветни на нашиот стандард и да важат за сите – вели Никовски.