„Комплицираноста“ на македонскиот идентитет толку ги збунува странците, што една меѓународна студиска програма доделува стипендии дури и за студенти од „поранешна југословенска република Северна Македонија“
Девет месеци по потпишувањето на договорот со Грција за промена на државното име и два месеца по почетокот на неговата примена, во светската јавност и во меѓународните институции, исто како и во земјава, се присутни дилеми околу тоа што, всушност, е потпишано и како тоа треба да се применува.
Па, така, на една германска веб-страница за трансфери на фудбалери, националноста, т.е. државјанството на македонските фудбалери: Горан Пандев, Езгијан Алиоски и на Тодор Тодороски е наведена како „северномакедонска“. Уште поиндикативен е примерот за примената на „преспанскиот правопис“ во некои од странските медиуми, кои по посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје, за премиерот Зоран Заев, најчесто пишуваат како за „северномакедонски премиер“. Тоа деновиве може да се забележи како во британскиот „Тајм“ така и во регионалните медиуми. На примената на терминот „северномакедонски премиер“, прв реагира Павлос Воскопулос Филипов од партијата Виножито во Грција, кој на социјалните мрежи пишува дека „некој од македонското МНР треба да им каже на новинарите од ’Тајм‘ дека не постои северномакедонски премиер, туку премиер на Република Северна Македонија“…
„Комплицираноста“ на македонскиот идентитет толку ги збунува странците, што една од меѓународните студиски програми доделува стипендии дури и за студенти од „Поранешна југословенска република Северна Македонија“…
Независно од контроверзната прифатеност на Преспанскиот договор во македонската и во грчката јавност, односно поделеноста во гледиштата за неговата политичка коректност како решение за надминување на разликите за правото за користење на името Македонија, практичното спроведување на неговите одредби во меѓународната употреба се соочува со искушенијата на асиметричноста и двозначноста на договорот. Имено, потписниците на договорот од македонска страна (Владата) постојано нагласуваат дека и покрај географската додавка „северна“ во уставното име на Република Македонија, националниот идентитет е „забетониран“ со квалификацијата на државјанството како: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија.
Според упатството што го издаде Министерството за надворешни работи, наменето за меѓународната дипломатска мрежа и странските медиуми, иако името на државата е Северна Македонија, државјанството и понатаму е – македонско, а (повеќето од) граѓаните и понатаму се – Македонци. Притоа се нагласува дека според Преспанскиот договор, не треба да се употребуваат логичните изведенки од новото име на државата, кои се однесуваат на државјанството и националниот идентитет – „северномакедонец“, „северномакедонски“.
Но дали дипломатските упатства можат да се наметнат при секојдневната употреба на логичните и граматички изведенки? Таквиот „раздробен“ македонски идентитет по промената на државното име, очигледно ги збунува странците, кои, пак, немаат потреба да се консултираат со прирачникот на македонското МНР, при наведувањето на државјанството на македонските граѓани во нивните држави. Речиси веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, од некои европски парламентарци стигнаа честитки за „северномакедонците“, на што по реакцијата од земјава дојдоа и извинувања. Но збунетоста во странство и понатаму остана, што најчесто се манифестира во наведувањето на државјанството на македонските спортисти што играат во странство. За нештата да се доведат во ред и да се усогласат до договореното, е потребно време, сметаат експертите. Во меѓувреме, како што истакнуваат, малку и ќе се тактизира.
– Новото име на државата обврзува пошироко и ќе треба да помине одредено време за сѐ да се стави на свое место. Тоа се прави од тактички причини, да не се вознемириме одеднаш и премногу. Како што се виде и при посетата на грчкиот премиер Ципрас во Скопје, неминовно ќе мора да се менува и македонската химна. „Денес над Македонија се раѓа…“ очигледно ќе може да се користи само во Грција. Со текот на времето ќе бидат доведени во прашање и нашите кодови. Логично е дека кодот МКД не може да произлегува од Северна Македонија. Тоа е како, моето името да е Ристо Никовски, а да користам иницијали П.Ш. Сето тоа ќе се дотера при преговорите со ЕУ, кога и да започнат. Тогаш ќе се тргне и државјанството, македонско, и ќе остане само северномакедонско. На крајот, целосно ќе се избрише нашата македонска националност – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски, кој смета дека тоа е логичен тек на настаните по Преспанскиот договор, со кој Македонија и македонскиот национален идентитет се ставени на геополитичката маса за сецирање.