Веста дека МПЦ-ОА ќе се преименува во охридска и на Јустинијана Прима архиепископија брзо се прошири во јавноста, но тоа е уште една во низата отровни атаки кон македонскиот народ, држава и црква. За да се дојде до вистината и фактите „Нова Македонија“ ја констатира реалноста дека МПЦ-ОА никогаш нема да го промени уставното име и да ја избрише придавката „македонска“
Вселенската патријаршија презеде одговорност за решавање на канонскиот статус на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, откако пред еден месец Синодот на МПЦ-ОА и премиерот Зоран Заев испратиле поединечни писма до патријархот Вартоломеј во кои бараат признавање на автокефалниот статус на МПЦ.
Вселенската патријаршија во вчерашното соопштение потврди дека го разгледала барањето на МПЦ и на премиерот Заев и дека позитивно одговорила, наведувајќи дека презема одговорност за прашањето на Охридската архиепископија.
– Светиот и свештен синод на Вселенската патријаршија во Константинопол го разгледа прашањето со нерешениот канонски статус на Охридската архиепископија. Патријаршијата го прими писмото на премиерот на државата Зоран Заев во кое се бара помош и поткрепа за решавање на прашањето со помесна православна црква во ПЈРМ. Светиот и свештен синод на Вселенската патријаршија одлучи да се заземе за ова и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска патријаршија – пишува во соопштението на Вселенската патријаршија.
Дебарско-кичевскиот владика Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ-ОА вчера потврди дека било испратено писмо до Вселенската патријаршија во кое било побарано само признавање на автокефалниот статус на МПЦ.
– Писмото е испратено пред околу еден месец. Во него бараме помош од Вселенската патријаршија за признавање на МПЦ како автокефална црква. Другите информации, кои се појавија во јавноста за некаква промена на името на нашата црква, не се точни и станува збор за дефокусирање на јавноста од целата суштина. Името на МПЦ-ОА останува такво какво што е – нагласи г. Тимотеј.
Од Владата ја потврдуваат информацијата дека испратиле писмо до Вселенската патријаршија, но без конкретни детали што содржи тоа писмо.
Соопштението на Вселенската патријаршија предизвика бурни реакции меѓу православните цркви, пред сѐ, во грчката јавност, каде што речиси сите релевантни верски портали ја пренесоа оваа информација.
Ова е втор случај на Вселенската патријаршија да се заложи за решавање на канонскиот статус на една црква, откако пред повеќе од еден месец, позитивно одговори и на барањето на украинскиот државен врв за признавање на автокефалноста на Украинската православна црква – Киевска патријаршија. За таа цел, вселенскиот патријарх формира комисија за разговори со другите православни цркви за решавање на статусот на Украинската црква.