Социјалните мрежи отворија можност за креирање нови општествени „вредности“
Каков е тој порив на асоцијално и антисоцијално однесување кај младите лица, со кој сѐ почесто се презентираат на социјалните мрежи? Дали во општеството целосно се изгубија моралните вредности? Дали навистина криминалот и мафијашкото однесување се вредносна матрица на која младината се воодушевува, а сѐ поголем дел и се ориентира по неа? Зошто државата и институциите ги толерираат ваквите појави? Знаат ли родителите на кој начин се ремоделираат нивните деца?
Бесни коли, екстремна брзина на возење, купишта девизи, скапи алкохолни пијалаци, но и дрога во изобилство, сѐ почесто се декор на фотографиите и видеата што млади ги споделуваат на социјалните мрежи, предизвикувајќи внимание кај своите врсници. Социјалните мрежи се преплавени со вакви содржини, кои наликуваат како натпревар меѓу младите.
Иако можеби многумина од оние што го споделуваат тоа во реалноста не го ни живеат, сепак, за нив тоа не е никаков проблем да градат лажен, виртуелен свет.
Што е тоа што кај младите буди ваков порив на однесување на социјалните мрежи? Дали општеството целосно ги има изгубено моралните вредности? Дали навистина криминалот и мафијашкото однесување се вредност по која се вжештува младината? Зошто државата и институциите го толерираат сево ова? Знаат ли родителите во што се претвораат нивните деца?
Потребата од докажување во реалноста изразена виртуелно
Социологот Илија Ацески вели дека младите имаат потреба да се докажат во кое било поле во животот, нешто што во реалниот живот го немаат.
– Затоа на социјалните мрежи сметаат дека „безболно“ ќе го покажат тоа што им недостига во реалноста. Младиот човек е заштитен на социјалната мрежа, се претставува под друго име и смета дека ништо не може да му се случи. Така се става во функција на реализација на реалните потреби на една личност, ако нешто му недостига или ги нема тие активности на реалниот живот. Со виртуелниот свет ги заменува реалните активности во животот – објаснува Ацески.
Според него, ефектот е голем и врз оној што го гледа тоа, зашто и тој се внесува во тоа.
– Тука е поразителното. Се брише линијата меѓу она што е нормално и она што не е. Се формира појас во кој запаѓаат голем дел од младите луѓе. Не прават разлика меѓу она што е дозволено и она што не е дозволено. Нема морал и вредност за нив. Зборот криминал се употребува пречесто во политиката и во медиумите. И сето тоа на некој начин веројатно им станува „нормално“ – додава Ацески.
За да се намалат ваквите појави, смета дека образовните институции треба повеќе да се занимаваат со тоа.
– Децата се надвор од каква било контрола од страна на родителите, особено на социјалните мрежи. Шест часа во текот на денот тие поминуваат на социјалните мрежи, а тоа е колку едно работно време. Треба да се воведуваат предмети и содржини за прикажување вредности, зашто социјалните мрежи, иако виртуелно, го уриваат моралниот поредок во едно општество – заклучува социологот.
Психологот Мирјана Јовановска Стојановска вели дека ваквите појави кај младите се резултат на тоа што изминатата деценија се извртеле вредностите кај луѓето.
– Порано беше модерно да се покаже дека си добар спортист, дека имаш добра работа, дека си завршил факултет, да покажеш дека живееш семеен живот. Сега, пак, важно е еден млад човек да има пари, добар автомобил, без разлика на начинот на кој се добиле. Резултат на сево ова е тоа што општеството го дава како идентитет, а младите го бркаат да го постигнат – објаснува таа.
Според неа, ваквите појави не се само кај нас туку секаде во светот.
– Луѓето постојано се на социјалните мрежи. Гледаат кој каков автомобил вози, на каква журка бил. Се рекламираат брендови, се рекламира живот на „висока нога“. Општествата се потрошувачки, а западните земји сѐ повеќе тежнеат кон тоа – вели психологот.
Вели дека младите го бараат својот идентитет, сакаат да се покажат и докажат во недостиг од некои вредности.
– Не се изградија некои други вредности што ќе се промовираат меѓу луѓето. Особено тоа е случај со општествата како нашето, кои со години се во некаква транзиција. Родителите повеќе не се модел на однесување на децата. Токму со наркотици, со пари се гради стигма кон луѓето на кои нешто им недостига или кои имаат потреба од нега – заклучува Јовановска Стојановска.
Младите зависни од социјалните мрежи
Во рамките на истражувањето на германската здравствена каса ДАК, спроведено пред три години во соработка со Универзитетската клиника во Хамбург, биле испитани 1.001 момче и девојче на возраст меѓу 12 и 17 години. Резултатите се алармантни и покажуваат дека 2,6 проценти од тинејџерите се зависни од социјалните медиуми. Според аналитичарите, последиците не се само проблеми со спиење, бегство од реалноста и стрес со родителите.
Меѓу критериумите за зависност, според истражувачите од Германскиот центар за зависности на деца и млади, е постојано да се мисли на социјалните мрежи или апликации за пораки на интернет – и за време на настава и во училиште. Притоа се јавуваат и други симптоми, како преголема раздразливост, немир и тага ако мобилниот или таблетот не им е при рака.
Мнозинството од децата и младите, или 85 отсто според студијата на ДАК, се во просек по три часа дневно „закачени“ на социјалните мрежи, девојчињата со 182 минути се пред момчињата, кај кои просекот е 151 минута дневно.
Кај шест отсто од испитаните млади деца често доаѓа до расправии со родителите поради постојаното користење на социјалните мрежи. Кај 16 отсто дури има и сериозни кавги. Колку е помлад испитаникот, толку почесто има случаи на кавги. Поради ова, 14 отсто од децата на возраст меѓу 12 и 13 години често тајно ги користат социјалните медиуми.