Анализа на пребарувањата на „Гугл“ покажува дека интересот за „Македонија“ и за „Северна Македонија“ е зголемен во изминатата година во светот и тоа токму кога имаше крупни случувања во земјава. Информациите на „Гугл трендс“ покажуваат дека процентот на пребарувања на термините „Македонија“ и „Северна Македонија“ на англиски јазик, односно „Macedonia“ и „North Macedonia“, е зголемен поради клучните настани во процесот на договарање, потпишување и ратификување на договорот од Преспа
Промената на името на една држава е тежок и сложен процес, кој може да трае многу години, а понекогаш е потребно да помине голем период за новото име да биде прифатено од граѓаните, ако тоа воопшто се случи, пишуваше деновиве британски „Економист“, коментирајќи го процесот на промена на името на Македонија во Република Северна Македонија. Сепак, анализа на пребарувањата на „Гугл“ покажува дека интересот за термините „Македонија“ и „Северна Македонија“ е зголемен на светско ниво во изминатата година и тоа особено кога имаше значајни настани во државата.
Политичкоправните случувања што му претходеа на Преспанскиот договор, неговото потпишување, ратификацијата во македонскиот и во грчкиот парламент, заедно со потпишувањето на Протоколот за прием во НАТО, ја ставија Македонија во фокусот на светските медиуми. Тие главно за целиот процес известуваа низ призмата на судирот меѓу светските сили за освојување на сферата на влијание на Балканот, но некои од нив укажаа и на проблематичните аспекти на целиот процес, како на пример дека е вршен притисок Преспанскиот договор да биде усвоен по секоја цена, па и на сметка на владеењето на правото, или дека тој нема мнозинска поддршка ниту во Македонија ниту во Грција и дека сето тоа може да предизвика дополнителни тензии во иднина.
Правејќи компаративна анализа со други примери кога државите ги менувале своите имиња од различни историски или културолошки причини, „Економист“ заклучува дека е потребно да помине време за новото име да биде прифатено од граѓаните, ако тоа воопшто се случи.
Интересно е да се извлечат некои информации од анализата на пребарувањата на „Гугл“. Имено, тие покажуваат оти во светот е зголемен интересот за Македонија и за новото име „Северна Македонија“, особено во одредени периоди во изминатите 12 месеци (слична анализа прави и „Јуроњуз“). Притоа треба да се посочи дека „Гугл“ не дава апсолутни бројки за пребарувањата, туку нуди резултати засновани на индекс што открива дали популарноста на некој термин се зголемила или се намалила за определен период.
Како што покажуваат податоците на „Гугл трендс“, процентот на пребарувања на термините „Македонија“ и „Северна Македонија“ на англиски јазик, односно „Macedonia“ и „North Macedonia“, е зголемен токму кога се случија клучните настани во процесот на договарање, потпишување и ратификување на договорот. На пример, најголем интерес за двата термина во светот има околу датумите кога е потпишан Преспанскиот договор (17 јуни 2018 година), кога се одржа референдумот за договорот (30 септември 2018 година) и кога договорот беше ратификуван од грчкиот парламент (25 јануари 2019 година), со што се отвори патот за прием на Македонија во НАТО, а во иднина и за евентуално членство на државата во ЕУ. По региони, односно држави, најголем интерес за терминот „Македонија“ имало токму во Македонија, како и во Косово, Албанија, Малта и во Грција. Во однос на интересот за терминот „Северна Македонија“, повторно на прво место е Македонија, а по неа следуваат Грција, Кипар, Косово и Албанија. Конечно, од податоците на „Гугл“ исто така е воочливо дека има многу повеќе пребарувања на терминот „Македонија“ отколку на терминот „Северна Македонија“ или, како што попрецизно наведува „Јуроњуз“, разликата е дури 1.800 отсто во 2019 година. Во секој случај, заинтересираност за информации во врска со Македонија има на претек, иако со анализата се идентификува само зголемување на интересот за добивање што повеќе податоци и информации преку Интернет. Дали постои и друг вид заинтересираност или афинитет кон Македонија, анализата не покажува. Одговор на тоа прашање веројатно ќе следува во времето што доаѓа.