Ќе остане ли националниот предзнак како атрибут пред името на нашата црква ако евентуално дојде до промена на Уставот? Ако предзнакот „македонска“ се избрише пред името на институциите што имаат национална улога, дали тоа може да се случи и со Македонската православна црква, зашто и таа има национално значење? Ќе добие ли нашата црква статус на автокефалност како Охридска архиепископија, а без името Македонска православна црква (МПЦ)? Токму поради нејаснотиите и неинформираноста во јавноста и поради важноста на тоа што МПЦ-ОА е темел и вековен чувар на македонскиот идентитет, јазик и традиција, аналитичарите сметаат дека граѓаните треба да имаат јасна слика за тоа како би се определиле во пресрет на референдумот
Ќе остане ли за верниците, граѓаните и за Македонската православна црква-Охридска архиепископија националното обележје како македонска црква, ако граѓаните на референдумот закажан за 30 септември годинава ja поддржат спогодбата од Преспа и потоа Собранието ги изгласа планираните уставни измени? Дали редефинирањето на Уставот, на кое се обврза нашата држава со Преспанскиот договор, ќе значи и бришење или преименување на МПЦ-ОА во членот 19 во Уставот на Република Македонија, каде што се вклучени петте верски заедници?
Ова е клучната дилема во овој период пред референдумот, за која, за волја на вистината, од нашето истражување, засега никој не даде експлицитен, јасен одговор. Она што е многу чудно, а дополнително остава сомнеж е и молкот на МПЦ-ОА.
Аналитичарите и дел од јавноста што го оспоруваат договорот со Грција тврдат дека ако се случи евентуалното заживување на т.н. договор од Нивици, поточно промената на нашиот Устав, односно преамбулата, МПЦ веќе нема да може да го користи терминот „македонска“ во официјалното име, што значи дека таа нема да може да го користи името со придавката „македонска“ во официјалните документи во државата и надвор од неа.
Истите тие сметаат дека тоа е во тесна корелација и директно се рефлектира и врз комбинаториките за признавање на МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија само под името Охридска архиепископија. Со тоа, тие предупредуваат на силните индикатори дека тоа би можело да предизвика губење на карактерот на национална црква на македонскиот народ.
Оние, пак, што го поддржуваат референдумот велат дека не постои никаква опасност црквата да ја изгуби својата национална позиција, зашто, според нив, договорот предвидува применување само на државните институции и на институциите финансирани од државата, што не е случај со МПЦ. Додаваат дека спогодбата од Преспа ќе има позитивен импакт за самостојноста на МПЦ, зашто така конечно ќе го реши својот автокефален статус.
Токму поради ваквата какофонија во јавноста, меѓу граѓаните и верниците, како и поради важноста на тоа што МПЦ-ОА е темел и вековен чувар на македонската посебност, јазик и традиција, аналитичарите сметаат дека граѓаните треба да имаат јасна слика за тоа како би се определиле во пресрет на референдумот.
Никој не објасни што ќе се случува со МПЦ
Универзитетската професорка по уставно право Гордана Силјановска-Давкова смета дека јавноста не е доволно информирана на што точно би се рефлектирала спогодбата од Преспа ако дојде до нејзина конечна реализација. Вели дека ако се менува Уставот на државата, граѓаните треба да бидат информирани што точно ќе се менува, како ќе гласи тоа и што ќе значи подоцна. Според неа, засега граѓаните не се информирани прецизно за сето тоа. Потсетува дека референдумот не се спроведува според кодексот на добри референдумски практики на Венецијанската комисија од 2007 година, во кој точно се запишани насоките на одвивање на целиот процес.
– Таму е посочено дека договорот треба да биде презентиран пред граѓаните долго пред да се одржи гласањето за референдумот, односно да биде испратен до сите граѓани. Треба да се направи избалансирана презентација од предлагачите на референдумот на законодавната власт, како и на опозицијата. Во овој момент, како што сме информирани, може само да претпоставуваме, ни остава простор да размислуваме дека ако се брише придавката „македонска“ пред Македонската радио-телевизија, пред Македонската академија на науките и уметностите, односно пред институциите што имаат национална улога, дека тоа може да се случи и со Македонската православна црква, зашто и таа има национално значење – објаснува професорката Силјановска-Давкова.
Според неа, црквите во православието се национални, односно се со национален предзнак во името, а МПЦ низ историјата ја имала таа улога на чувар на македонскиот јазик, нација и држава.
– Црквата, во случајов МПЦ, не е финансирана институција од државата, но е национална институција и не знам како е предвидено да се постапи тука. Наместо ние, луѓето од правната сфера да претпоставуваме, во оваа кампања пред референдумот треба да бидеме информирани. Но не е исклучено и може да се случи според овој договор да мора да се вклучи придавката „северна“ и во името на МПЦ – додава професорката.
Молкот на црквата остава сомнеж
Македонската православна црква-ОА официјално сѐ уште молчи, и покрај прозивките од јавноста да се изјасни во овој клучен период, и за самиот референдум, но и за прашањето што во иднина би се случувало со нејзиното име. Дали молкот на МПЦ е резултат на неинформираноста на владиците?
Владиката Тимотеј, наедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, вели дека до претстојната синодска седница, закажана за четврток, ќе остане воздржан и нема да дава предвидувања за тоа што ќе биде по резултатот од референдумот.
– Оставам секој верник и секој граѓанин на оваа држава, лично, со сопствено убедување да се изјасни на претстојното референдумско прашање – нагласи г. Тимотеј.
И неговиот собрат, владиката Петар не сакаше да даде толкување за тоа што би се случило ако по референдумот се промени Уставот на Република Македонија, особено во делот околу евентуална промена на името на МПЦ-ОА, со исфрлање на придавката „македонска“.
– Очекувам на синодската седница да расправаме за актуелната политичка состојба во државата поврзана со референдумот и веројатно ќе излеземе со некаков заеднички став. Дотогаш не би сакал да не коментирам – додаде владиката Петар.
Најхрабар во изразување ставови за претстојниот референдум е европскиот владика Пимен, кој истакна дека, колку што е тој информиран, со спогодбата од Преспа не е предвидено преименување на името на МПЦ-ОА. Исто како и другите владици, очекува на претстојната седница сите да го кажат својот став и официјално да биде соопштен ставот на синодот на црквата.
– Јас не навлегувам во одлуките на граѓаните дали и како ќе гласаат. Лично сум за референдум и ќе излезам да гласам. Не се согласувам со ставовите на многумина дека ако гласаат, ќе им ги заменат гласовите. Тоа е типично размислување за овие простори, дека ние сѐ знаеме однапред и дека цел свет е против нас – истакна г. Пимен.
Ќе исчезне ли МПЦ од Уставот?
Според спогодбата од Преспа, употребата на терминот „македонски“, каде и како може да се користи, е дефинирана во членот 7 од спогодбата меѓу првата и втората страна потписници.
Според тој член, институциите во Македонија што се основани и финансирани од државата нема да можат во своето име да ја имаат придавката „македонски“ или „македонска“. Тоа практично значи дека сите тие институции ќе мора да извршат свое преименување.
– Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Во однос на првата страна, овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. Во однос на втората страна, овие термини ги означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство што се особено различни од оние што се наведени во членот 7, став (2). Втората страна изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и другите одлики на втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на првата страна. Ниту една одредба од оваа спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете страни – пишува во Договорот од Преспа.
Молитва пред референдумот за зачувување на името
За разлика од нив, владиката Агатангел веќе неколкупати јавно зборуваше против спогодбата од Преспа и една недела пред денот на одржување на референдумот ги поканил верниците на литургија, на која сите заеднички ќе се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот на државата.
Националните институции без „македонска“
Правната положба на Македонската православна црква-ОА и на уште четири цркви и верски заедници е дефинирана со амандманите во Уставот на државата по 2001 година во членот 19. Во истиот тој член МПЦ-ОА се спомнуваше и пред овие измени со Уставот донесен во 1991 година. За јавноста останува нејасно дали овој член 19 ќе се менува ако референдумот биде успешен и што точно би предвиделе евентуалните такви измени.
– Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот. Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето верски училишта и социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон – пишува во членот 19 од Уставот на Република Македонија.