Во Универзитетската клиника за детски болести изминатиот период комплетно се реновирани амбулантскиот дел, Ургентниот центар и чекалната за пациентите, со цел унапредување на условите за третман на пациентите, како и условите за работа на персоналот на оваа клиника.
Од Министерството за здравство појаснуваат дека со цел непречено функционирање на клиниката во услови на пандемија, се применуваат посебни мерки за заштита и во таа насока поставени се нови шалтери за прием на пациенти, како и нови столчиња во чекалната на пациентите.
Исто така, комплетно се реновирани и опремени клиничката аптека, помошните простории и пералната.
Во однос на актуелната состојба со коронавирусот, од Клиниката апелираат до родителите кои имаат потреба да ги донесат своите деца на преглед, да ги почитуваат мерките за заштита препорачани од Министерството за здравство: носење задолжителна заштита на лицето на родителот и детето, одржување најмалку два метра физичка дистанца и честа хигиена на раце.