Комората на РМ за приватно обезбедување е основана на 21.6.2000 година, а денес ја слави својата зрелост во заштитата и унапредувањето на стручноста, професионалноста, деловноста и заштитата на професијата

Верица Милеска Стефановска, претседателка на Комората на РМ за приватно обезбедување

Какви овластувања има Комората на Република Македонија за приватно обезбедување и од каде ги црпи?
Комората на РМ за приватно обезбедување има јавни овластувања, кои ги црпи од Законот за приватно обезбедување и истовремено има двојна функција. Од една страна, комората врши јавни овластувања пренесени од државата. Тоа значи дека организира оспособување и стручни испити за добивање лиценца за приватно обезбедување, издава јавни исправи, како лиценци и легитимации за работниците за приватно обезбедување и слично. Од друга страна, пак, комората ги здружува правните лица што вршат приватно обезбедување и се грижи за заштита и за унапредување на дејноста. За потребите и заради интересите на вршителите на дејноста, комората организира специјализирани обуки, издава стручна литература, се поврзува со државни органи, со академската заедница и со други организации.

Постоите цели 18 години и токму сега го одбележувате јубилејот. Како се развиваше оваа сосема нова дејност, обезбедување правни и физички лица?
Првата фаза се реализира од 2000 до 2008 година и овој период е обележан со тенденција за основно устројување на вршителите на приватно обезбедување, кога станува збор за правни и за физички лица, во смисла на усогласување со новата регулатива за приватно обезбедување, уредување на работењето на фирмите врз основа на регулаторната рамка, интерно организирање на работењето. Интенција на законодавецот беше фирмите да добијат дозвола за работа од МВР, работниците да стекнат стручна квалификација преку полагање стручен испит. За работниците за обезбедување се пропиша поседувањето легитимација како основа за примена на законските јавни овластувања. Втората фаза беше во периодот од 2008 до 2013 година и се карактеризираше со јасно изразената потреба и подготвеност за унапредување на работењето, кандидатите задолжително се оспособуваат да добијат лиценца. Во третата фаза 2013 година е донесен Законот за приватно обезбедување. Со новиот закон појасни се промените. Битните работи што ние ги третираме како новини се правилниците што ќе се донесат т.е. правилникот за пренос и транспорт на пари и други вредносни пратки.

СЛИКАТА Е МНОГУ ПОДОБРА ОД ПОРАНО

Дали сметате дека досега сте успеале да се наметнете како асоцијација и колку граѓаните го прифатија вашето работење?
Комората прерасна во успешна асоцијација, со домашно и со меѓународно реноме, остава печат во националната и во меѓународната теорија и практика на приватно обезбедување. До пред неколку години, реалност беше дека во јавноста нашата дејност тешко се прифаќаше како бизнис. Чинам дека недоволно се перципираше моментот дека станува збор за дејност што вработува значителен број работници, за компании што плаќаат социјални придонеси, даноци, учествуваат во БДП итн. Во минатото некако секогаш бевме сместени во негативна конотација, нѐ именуваа како вооружена паравојска, луѓе со криминално минато итн. Се разбира, не се потребни оправдувања, но веројатно и ние самите со своето работење, без доволно искуство и без соодветна контрола на надлежните институции, во определен дел и самите сме придонеле за формирање на таа слика, но должна сум да нагласам дека веќе одамна секторот приватно обезбедување во Р. Македонија во своето работење усвоил стандарди, вложува во развојот на своите компании, ги следи модерните трендови во дејноста и работи во согласност со позитивните законски прописи.

Колку комората е вклучена во стручни дебати и кампањи?
Кампањата „Денови на приватното обезбедување“ почна да се организира уште во далечната 2008 година и еве трае веќе една деценија. Комората на Република Македонија за приватно обезбедување ја организира кампањата со визија овој настан да понуди и да поттикне размена на мислења и знаења и сеопфатна стручна дебата во насока на унапредување на дејноста приватно обезбедување. Во таквиот континуитет примарниот фокус е насочен кон професионализација на дејноста и кон иницирање постојана поврзаност, соработка и синергија помеѓу сите засегнати страни. „Денови на приватно обезбедување“ овозможува простор за дискусии на конкретни теми, размени на мислења и на ставови, согледување проблеми и наоѓање начини за нивно надминување, но и можност за непосредни средби, заради запознавање и транспарентно претставување на работењето во дејноста приватно обезбедување, во правец на остварување повисоки заеднички или општествени цели. Во согласност со обврските што произлегуваат од Законот за обезбедување лица и имот, комората е вклучена и во издавачка дејност и има издадено разни публикации.

ОСТВАРУВАМЕ ШИРОКА СОРАБОТКА СО МВР

Остварува ли комората национална и меѓународна соработка и со кого?
Комората остварува блиска соработка со главните чинители што имаат функција и одговорност во профилирањето на секторот приватно обезбедување. Стратегиско партнерство имаме со Министерството за внатрешни работи, кое преку определбата за креирање интегриран систем на национална безбедност, со препознаена функција на приватното обезбедување, јасно ја изразува својата поддршка за секторот приватното обезбедување. Без оглед дали во форма на размена на соодветните знаења, практики и процедури применливи за приватното обезбедување, продуктивна контрола и надзор или други форми на заедничко работење, евидентен е фактот дека процесот на унапредување на дејноста, процесот на професионализација, претставува континуирана активност, која најдобро се реализира во еден холистички систем, вклучувајќи ги сите релевантни актери. Должни сме гласно да ја истакнеме и подготвеноста на приватното обезбедување доследно да одговори на одговорноста што ја има, преку натамошен развој, едукација, стандардизација и сѐ што е неопходно во насока на гаранција на безбедноста во сферата во која се манифестира работењето. На 29 март годинава беше потпишан и меморандум за соработка со МВР.

Што значи тоа за комората?
Потпишување на меморандумот за соработка првенствено има цел да овозможи соодветен пристап за трансфер на соодветни знаења, практики и процедури применливи за правилно работење на секторот приватното обезбедување, размена на статистички податоци и информации за степенот на загрозеност на безбедноста, ефектуирање нови форми за соработка во борбата против криминалното однесување, откривање криминални појави и други околности што влијаат на ефикасноста на системот за безбедност и други форми на заеднички активности, со што приватното обезбедување ќе претставува достоен стратегиски партнер во националниот безбедносен систем. Меморандуми за соработка имаме потпишано и со Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за класифицирани информации. Градиме тесни врски и плодна соработка со академската заедница, а во функција на придонес за зголемување на стабилноста и безбедноста во општеството преку учење и создавање професионален кадар. Соработка во разни облици имаме и со Факултетот за безбедност и Институтот за безбедност, одбрана и мир, организираме научностручни собири. Имаме и заедничко учество на научноистражувачки проекти.
Комората остварува и меѓународна соработка.


Комората реализира најразлични видови обуки

Знаењето се смета за примарен извор на вредности во денешницата и способноста за проширување на спектарот на видиците и на знаењата, односно вложувањето во континуирано учење е клучно за надминување на бариерите исправени пред личниот и професионален успех, особено во услови на динамично опкружување под влијание на технолошки развој.
Во годишните програми за работа, комората обрнува сериозно внимание да се опфатат што е можно повеќе неформални програми за специјализирани обуки, кои опфаќаат различни категории непосредни вршители на дејност. Така, на пример, минатата година реализирани се обука на обучувачи, потоа обуки за безбедност и сигурност на стадиони, потоа обука за заштита на критичната инфраструктура, планирање за подготвеност и постапување во итни случаи, потоа едукација и вежбовни активности за постапување во случај на загрозена безбедност. Годинава од 28 до 29 мај комората беше фокусирана на заштита на приватни и на јавни објекти.