Дали има лекарска грешка за смртта на 33-годишната пациентка на која ѝ беше изваден миом од матката ќе утврдува комисија што ќе ја формира министерот за здравство Венко Филипче.
Тој минатата недела најави дека ако има потреба, ќе се направи и стручен надзор на целиот случај, а денес извести дека ќе ја формира комисијата.
– За овој случај инициравме и стручен надзор. Во текот на денов или најдоцна во понеделник ќе се формира комисијата за и тој случај да се расчисти – рече министерот Филипче.
Вонредниот увид на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е се уште во тек. Се прави увид во сите здравствени установи низ кои минала 33-годишната пациентка.
Од Инспекторатот веќе известија дека ја бараат сета документација поврзана со случајот од Клиниката за Гинекологија, каде што била примена и оперирана, од Клиниката за дигестивна хирургија, каде што била препратена и повторно оперирана, од КАРИЛ, каде што била пренесена пред да почине како и од матичниот гинеколог и матичниот лекар.
Семејството на починатата обвини за лекарска грешка откако на Клиниката за дигестивна хирургија откриле дека тенкото црево, на четири места и било продупчено и сошиено откако и бил изваден миом од матката.