Фото: Маја Јаневска-Илиева

На семејствата на загинатите во минатонеделната сообраќајна несреќа ќе им бидат исплатени најмногу по 9.000 евра, а на повредените по 4.500 евра, на име на патничкото осигурување, што е приближно до износите што се исплатуваат во соседните земји, но далеку под она што се исплатува за настраданите патници во поразвиените европски земји, каде што и уплатите за осигурување се повисоки

Може ли да се вреднува и колку вреди еден човечки живот во Македонија е прашањето што се наметна откако осигурителната компанија „Еуросиг“ најави дека ќе ги обесштети повредените патници, како и семејствата на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс“, која се случи на 13 февруари, на автопатот Скопје – Тетово, во близината на Ласкарци, а чиј последен биланс е 15 мртви и над 30 повредени.
Според најавите од осигурителната компанија, на семејствата на настраданите ќе им бидат исплатени до 9.000 евра, додека на повредените ќе им бидат исплатени по 4.500 евра.
– Упатив апел до семејствата да достават документација што поскоро. По три дена, компанијата ќе изврши исплата. Им посакувам што поскоро закрепнување – изјави Кадри Моринај, директор на „Еуросиг“.

Тој уште додаде дека обесштетувањето ќе се врши според возраста и случаите. Ако се направи проста математика, излегува дека осигурителите ќе треба да им исплатат околу 300.000 евра на повредените и на семејствата на загинатите, иако парите никогаш нема да им ја надоместат загубата во нивните семејства.

Според Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, минималните суми за осигурување во Македонија во случај на смрт изнесуваат 4.500 евра, 9.000 евра во случај на трајно губење на општата работна способност и 2.200 евра во случај на преодна неспособност и нужни трошоци за лекување.

Слична практика има и во земјите од соседството.

Во Србија и во Црна Гора најниската сума за обесштетување при смртен случај на патници во јавниот превоз изнесува 8.000 евра, додека за инвалидитет и до 16.000 евра. За трошоци за лекување осигурувањето покрива до 4.000 евра.

Во Хрватска минималниот износ за обесштетување е 5.500 евра за смртен случај, а 10.800 за траен инвалидитет.

Поинаква е состојбата во развиените европски земји, каде што осигурителните компании ги обесштетуваат сите засегнати страни, но, од друга страна, таму и уплатите по основа на осигурување се повисоки. Конкретно, во Швајцарија, при сообраќајна несреќа на автобус, обесштетување од осигурителот побаруваат патниците, семејствата на патниците ако има настрадани со смртни последици, но и службите што интервенираат при спасувањето, како пожарникари, нуркачи и слично. Сите тие сметката ја доставуваат до осигурителната компанија, која е должна да ги исплати.

Во светски рамки, осигурителните компании исплаќаат огромни суми доколку се случи некаква несреќа, а тоа понекогаш ги чини и нивно затворање.

Осигурителите, на пример, им исплатиле 80 милиони евра отштета на семејствата на 239 патници и членови на екипажот во авионот на „Малезијан ерлајнс“, кој исчезна од радарите во март 2014 година и до ден-денес не е пронајден.


Бачило вредело повеќе

Парадоксално е што државата на најпознатиот овчар во земјава Иснифарис Џемаили во 2006 година му исплати отштета од 720.000 евра, за, како што тогаш се тврдеше, гранатираното бачило за време на конфликтот во 2001 година.
Тој тогаш се жалеше дека во бачилото имал овци, крави, телиња и коњи и дека сите му биле убиени со гранатирањето.
Џемаили подоцна беше осуден за измама во случајот „Бачило“.